Река Вардар
Вардар е најголемата река во Република Македонија. Долга е 388 км и нејзиниот речен слив опфаќа површина од приближно 25.000 км².
Дел од историјата за Вардар
Во минатото реката била пловна и чиста, при што “гемии” (сплавови и чунови) пловеле по водите на Вардар. Првиот канцелар на обединета Гереманија, Ото фон Бизмарк, пред 130-ина години рекол: „Кој ја контролира долината на Вардар, тој ќе биде господар на Балканот“. Градските плажи, лоцирани покрај кејот на реката, биле легендарни. Постојано можат да се слушнат приказни од постарите жители, како летните денови ги поминувале на некоја од градските плажи. Денешната ситуација со градските плажи е поразлична. Тие сеуште постојат, иако се повторно изградени пред неколку години, преку проектот „Скопје 2014“. Единствено што недостасува е капењето во неа.
Потекло на името Вардар
Хидронимот Вардар веројатно потекнува од готскиот збор „Vordol“, кој е даден на реката кога Готите биле на овие простори (V век од н.е.). Зборот Вардар води потекло од истоимениот тракиски збор што значи „црна вода“.
Симбол на градот Скопје
Скопје, главниот град на Македонија се наоѓа на горниот тек на реката. Грбот на градот е составен од Камениот мост со реката Вардар, тврдината Кале и снежните врвови на Шар Планина. Вардар го дели Скопје на два дела, нов и стар. Овие два дела се поврзани со голем број на мостови, како нови така и стари. Но, најпознат е Камениот мост поврзувајќи го плоштадот „Македонија“ со старата Скопска чаршија. Денеска мостот претставува најдиректна врска помеѓу стариот и новиот дел од градот и стои како нем сведок на времињата кои минуваат.
Речната долина на Вардар како туристичка атракција
Вардар има навистина композитна речна долина поради редењето на клисури и котлини една по друга долж нејзиното течение. Извира во Вруток, неколку километри југозападно од Гостивар во северозападниот дел на Република Македонија. Денес Вруток како туристичка атракција преставува една модерна селска населба со огромен потенцијал за еко туризам. Продолжува да тече низ градот Гостивар и котлината Полог, каде се влеваат неколку притоки: Лакавица, Маздрача, Пена, Бистрица, Ракита. Потоа, преку Дервенската клисура навлегува во Скопската котлина каде прима вода од Лепенец, Треска, Пчиња и Маркова Река и минува низ Скопје.
Минувајќи низ Таорската Клисура каде се влева Кадина Река, навлегува во малата Велешка котлина и минува низ Велес. Овде се вливаат реките Тополка и Бабуна. Потоа преку Велешката клисура навлегува во Тиквешката котлина каде се вливаат двете нејзини најголеми притоки Црна Река од десна и Брегалница од лева страна. Навлегува во познатата Демиркаписка клисура, а преку нејзе во Гевгелиско-валандовската котлина каде што ја преминува грчката граница, минува низ Циганската клисура. Течејќи низ Солунското поле се влева во Егејското море западно од Солун во Егејска Македонија.
Економското значење на реката
Долината и течението на реката претставуваат многу важен предел за Македонија, од економско-стопански, сообраќаен и воено-стратешки аспект. По долината на реката се наоѓаат магистралниот авто пат Е-75 кој е дел од европскиот коридор 10. Истиот ја поврзува Македонија со Србија и Егејска Македонија. Во горното течение пак се наоѓа автопатот Скопје - Тетово - Гостивар, кој пак е дел од европскиот коридор 8 што ја поврзува Македонија со Бугарија и Албанија. Како дел од истите 2 европски коридори во долината на реката се наоѓаат и електрифицираната железничка пруга Скопје - Солун и пругата Скопје - Кичево. Овие сообраќајни правци се од огромно економско и стопанско значење за Македонија. Тие се главната артерија на поврзување со сите останати делови на државата и со соседните држави.