МЕСТОПОЛОЖБА
Република Македонија е лоцирана во Југоисточна Европа, во централниот дел на Балканскиот Полуостров. Има позиција на стратегиска крстосница и своевиден мост помеѓу Европа и блиските земји на Азија и на Северна Африка. Таа и припаѓа на групата земји, од таканаречениот Западен Балкан. Опкружена е со следните соседи – Србија и Косово на север, Бугарија на исток, Грција на југ и Албанија на запад.
![Basic info about Macedonia](/wp-content/uploads/2018/08/basic-info-macedonia-geography.jpg)
ИСТОРИЈА
Македонија како држава е дел од современата меѓународна политичка сцена, од стекнувањето на независноста од југословенската федерација и е нејзин активен субјект, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Но, кога станува збор за условите и податоците што ги наметнуваат историјата и културата, може да се каже дека Македонија е една од постарите европски и светски цивилизации во рамките на Римското, Византиското и на Отоманското Царство.
![Basic info about Macedonia](/wp-content/uploads/2018/08/basic-info-macedonia-flag.jpg)
ДЕМОГРАФИЈА
Република Македонија се простира на 25.713 километри квадратни, територија на која живеат речиси два милиона жители. Главен град е Скопје со околу половина милион жители. Таа е мултиетничко и мултикултурно општество со различни религии. Во Македонија, покрај Македонци живеат и повеќе етнички групи – Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми и други. Две третини од населението се православни христијани, а другите се муслимани, католици и друго. Официјален јазик е - македонскиот. Знамето на Македонија е црвено со златно-жолто сонце со осум крака, кои се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала, а валутата е денар ( 1 евро – 61,5 денари).
![Macedonia Coins](/wp-content/uploads/2018/08/basic-info-macedonia-coins.jpg)
![Macedonia Money](/wp-content/uploads/2018/08/basic-info-macedonia-money.jpg)
УПРАВУВАЊЕ
Република Македонија е суверена, независна, демократска и социјална држава, со Устав усвоен на 17-ти ноември 1991 година. Референдумот за независност и осамостојување, поточно одвојување од југословенската федерација, е одржан на 8-ми септември 1991 година. Политичкиот систем е - парламентарна демократија, со претседател кој ја води и ја претставува државата дома и во странство. Претседателот на државата, според Уставот е и командант на армиските сили и е претседател на Советот за безбедност. Претседателот на државата се бира на генерални, директни избори. Тој е со мандат од пет години и тој соработува со извршната власт, поточно со владата при градењето, дефинирањето и спроведувањето на надворешната политика. Владата, пак, на Собранието му предлага закони и го одредува и предлага буџетот, ја води внатрешната и надворешната политика на земјата и ја одредува, организира. Исто така ја следи работата на државните органи на управа и на државната администрација.
![Macedonia Government](/wp-content/uploads/2018/08/basic-info-macedonia-government.jpg)
ПОЛИТИКА
Република Македонија е изградена како унитарна република. Социјалната компонента, слободата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, за сите граѓани на сите етнички заедници се едни од главните и највисоките вредности од уставниот поредок. Политичкиот систем на Република Македонија како парламентарна демократија, се заснова врз принципот на поделбата на власта на три гранки – законодавна, извршна и правна. Македонското Собрание е еднодомно со 120 пратеници, кои се бираат на непосредни парламентарни избори на четири години. Собранието избира свој претседател, кој има втора позиција во политичката хиерархија на државата.
![Macedonia Parliament](/wp-content/uploads/2018/08/basic-info-macedonia-parliament.jpg)
МЕЃУНАРОДНИ АКТИВНОСТИ
Република Македонија на 8-ми април 1993 година стана членка на Обединетите нации. Во наредните неколку години активно се приклучи во работата на Советот на Европа, на ОБСЕ и на речиси сите значајни меѓународни организации и институции. Главна надворешно-политичка цел и ориентација на државата е таа наскоро да биде дел од европското и евро-атлантското семејство на држави, поточно да биде полноправна земја-членка на НАТО и на Европската унија.
![Obedineti Nacii](/wp-content/uploads/2018/08/basic-info-macedonia-unated-nations.jpg)