Скопје


Основни информации за Скопје

Главен град на Македонија е градот Скопје. Тој е и најголем град во земјата и воедно претставува административно-политички, стопански, културен и образовно-научен центар. Се наоѓа во северниот дел на државата, поделен на два дела од реката Вардар. Градот во текот на своето постоење, во зависност од историските прилики, бил именуван со различни имиња, а неговото античкото име е Скупи.


Генерални податоци за градот Скопје

Тоа е град во централниот дел на Балканскиот Полуостров. Лесно комуницира со медитеранското подрачје на југ и подрачјето на Средна и Северна Европа на север. Преку Качаничката Клисура се поврзува со Јадранско Море. Кон исток, преку Куманово и Крива Паланка се поврзува со Република Бугарија, кон запад се поврзува со Полог, Кичевската Котлина, Охридско-преспанскиот регион и Република Албанија.


Скопје датира од пред античкиот период. Овој град имал стратешко значење во античкиот период, кога бил познат под името Скупи. Ископини од античкиот град Скупи се наоѓаат во месноста Зајчев Рид над утоката на реката Лепенец во Вардар, кај денешното село Злокуќани. Скупи бил главен град на тогашната Дарданија.

Историјата на градот Скопје

Во византиските документи градот се нарекува Скопија, а Словените го означувале и како Скопие, Скопје или Скопље. За време на владеењето на цар Самоил, градот потпаѓа под Самоиловото Царство, додека во подоцнежниот период под власт на Византија, Бугарија и Србија. Во 1392 година, градот го зазеле Османлиите и го добил името Ускуп (Üsküp).


Во 1962 година поради обилни дождови, реката Вардар го поплавила Скопје. Поплавата била предвесник на најголемиот земјотрес кој градот го искусил. На 26 јули 1963 година во 5:17 часот градот бил разурнат од земјотрес со јачина од 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала). Од земјотресот животот го загубија 1.070 граѓани, урнати 90 % од зградите во градот, а над 20.000 граѓани оставени без покрив над главата. По земјотресот, градот почна да се гради по урнек на проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица, денес е музеј на градот Скопје и симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути наутро.


Скопје денес се смета за град на солидарноста поради фактот дека токму со солидарност градот успеал да се возобнови. Прва помош за граѓаните пристигнала од сите тогашни југословенски републики, а неколку дена по земјотресот пристигнала помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации во светот испратиле помош и помогнале тој да се изгради повторно.

Географски карактеристики

Скопје се наоѓа на 21° 26' географска должина и 42° северна географска ширина. Надморската височина во центарот на градот изнесува 240 м, се простира на 1.818 км2 во широчина 9 км и во должина 23 км. Климата на градот ја карактеризира средна годишна температура од околу 12,4 °C. Летата се долги суви и жешки, а зимите ладни, со многу магловити денови. Низ скопската котлина протекуваат река Вардар со своите притоки: Треска, Пчиња, Маркова Река, Лепенец и Кадина Река. Скопската котлина ја опкружуваат планините: Водно, Караџица, Осој, Жеден и Скопска Црна Гора.


Главни обележја на Скопје

Места од интерес за туристички разгледувања се: Камениот мост на реката Вардар е симбол на Скопје. Бил преработен во XV век и претставува врска помеѓу новиот и стариот дел. Тврдина Кале - Првите ѕидини биле изградени на почетокот на VI век. Калето доминира над левиот брег на реката Вардар со поглед на стариот дел на градот.


Кале - Тврдина на Јустинијан Први

Се смета дека просторот на тврдината Кале, познато како Скопско Кале, бил населен уште во времето на неолитот и раното бронзено бреме, за што сведочат бројните археолошки наоди. Самата тврдина потекнува од времето на царот Јустинијан I ( 535 ). Заради стратегиската положба и улога, тврдината низ историјата често била напаѓана и користена од разни завојувачи. По пропаѓањето на Самоиловото царство (1018), градот бил заземен од востаниците на Петар Делјан ( 1014-1041 ). Потоа, бил напаѓан од Куманите, Скитите, Печенезите и други. На Калето се пронајдени разни археолошки остатоци. Денес скопската тврдина Кале е еден од најмаркантните објекти во Скопје, со присуство на поголем број различни културни и туристички мотиви.


Скопје

Камен Мост како симбол на Скопје од V век

Камениот Мост на реката Вардар е изграден во првата половина на XV век. Мостот ги спојува стариот со новиот дел на градот. Странични пешачки патеки се изградени во 1905 година, а во последната деценија на XX век е целосно рено-виран. На левата страна на реката, на мостот се наоѓа спомен-плоча на стреланите граѓани на Скопје во 1944 година за време на фашистичката окупација.


Скопје

Во својата првобитна форма, мостот имал 13 сводови, со вкупна должина од 215 метри и ширина од шест метри. Со цел да се врати првобитниот изглед на Камениот Мост, од 1992 година се започнати нови интервенции, со што е добиена првобитната ширина на мостот.


Црква Св. Спас во Скопје

Православната црква „Св. Спас“, во стариот дел од градот е изградена во XIX век. Иконостасот содржи прекрасни дрвени резби, изрезбани од мијачките резбари Петре и Марко Филиповски и Макарие Фрчковски. Во дворот на црквата се наоѓа гробот на најголемиот македонски револуционер на XX век - Гоце Делчев, а веднаш до неа е и Старата турска чаршија, каде има стари занаети, Безистен, Чивте-амам и други значајни објекти.


Скопје

Порта Македонија

Изградена е во 2011 година, а пуштена е во употреба на Божиќ 2012 година. Објектот има димензии од 20 на 10 метри и височина од 21 метар. Фасадата ја красат 32 релјефи во длабока резба, со вкупна површина од 193 м2.


На релјефите се прикажани сцени од праисторијата, преку наколната населба во Заливот на коските, од антиката со Филип II и Александар III Македонски, од римскиот период со Јустинијан I, од средниот век со Цар Самуил, Крале Марко и Карпош, па до XX век со Илинден, АСНОМ, Егзодусот од Егејска Македонија и 8 септември 1991 година – прогласувањето на независна Македонија.


Скопје

На објектот се наоѓаат и релјефи на манастирот Св. Јован Бигорски, претставена е охридска куќа, Даут-пашиниот амам, Мостот на поезијата во Струга. Во внатрешноста има продавница за сувенири и галериски простор на две нивоа, а најгоре платформа за набљудување.


Воин на коњ

Споменикот е композиција од повеќе елементи. Бронзениот споменик на Александар има висина од 14,5 метри и тежи 30 тони. Во средината на десет метри високиот столб е поставен воинот Александар II Македонски, познат како Александар Велики, со поглед кон изгревот на сонцето. На тој постамент има три прстени со монтирани плочи, на кои се претставени три битки. Меѓу нив има три прстени од бронза, со декорација и украсни релјефи. Околу столбот е фонтаната, надополнета со осум војници од бронза, високи по три метри и осум лавови високи по два и пол метри, од кои четири се свртени кон фонтаната. Споменикот е дело на Валентина Каранфилова – Стефанова.


Скопје

Плоштад Македонија во град Скопје

Плоштадот Македонија во Скопје, поцелосно е оформен во периодот меѓу двете светски војни, поточно од 1920 година до 1940 година. Лоциран е во контекст на Камениот Мост, како основна врска на градските целини од левата и десната страна на Вардар. Околу него биле лоцирани важни објекти: Народната банка, Поштата, Офицерскиот дом, Стоковната куќа На-Ма, хотелот Македонија, Ристиќевата палата. Но, по Втората светска војна, а особено по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, дел од објектитесе срушиле, така што денес плоштадот во Скопје има нешто поинаков распоред, но и натаму до него или во негова непосредна близина се наоѓаат важни управно-административни, културни, трговски, банкарски, угостителско-туристички и други објекти. Во негова непосредна близина е и Плоштадот Пела со Портата Македонија, како вистинска порта за влез на плоштадот.


Скопје

Споменици во централното градско подрачје на Скопје

Во периодот од 2010 до 2012 година Плоштадот Македонија е збогатен со неколку споменици на познатите македонски револуционери, од времето на Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. Непосредно покрај Камениот Мост, се издигаат спомениците на македонските револуционери Гоце Делчев и Даме Груев. Наспроти нив е споменикот на првиот претседател на Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија, Методија Андонов – Ченто. Спроти, а веднаш до грандиозниот Воин на коњ, се издига пет метарската мермерна статуа на Цар Самуил, поставена на постамент во висина од 3,5 метри. На самиот плоштад е поставен споменикот на Димитрија Чуповски, а во паркот “Жена борец” спроти Собранието на Република Македонија, поставено е спомен -  обележје на Првото заседание на АСНОМ.


Скопје

На кејот на Вардар, се споменикот на Јустинијан Први, висок пет метри, поставен на постамент од 3,5 метри. Наспроти него се поставени фигурите на Гемиџиите, изработени од бронза. Близу Камениот Мост, од страната на Старата Чаршија се поставени бронзените споменици на ајдутскиот војвода Петар Карпош и на Ѓорѓија Пулевски, како и на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум Охридски.


Спомен – куќа на Мајка Тереза

Спомен – куќата и споменикот на Мајка Тереза ( 1910 – 1997 ) се лоцирани на улица Македонија, во центарот на градот Скопје. Посветен е на големата хуманистка Агнеса Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза, родена во Скопје, добитник на Нобеловата награда за мир во 1979 година. Денес редот на Мајка Тереза брои преку 3.000 сестри и преку 500 браќа, во повеќе земји во светот.


Скопје

Мајка Тереза е прогласена за почесен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје, кој од своето заминување во хуманитарна мисија за помош на гладните и осамените го посетила четири пати: во 1970, 1978, 1980 и во 1986 година.


Соборна црква Св. Климент Охридски

Соборната црква Св. Климент Охридски е објект од поновата историја на македонското црковно градителство. Нејзината градба се одвива во седумдесетите и осумдесетите години на XX век. Осветена е во 1990 година. Седиште е на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Лоцирана е во центарот на Скопје.


Скопје

Стара чаршија

Во Скопје, од левата страна на Вардар, преку Камениот Мост се наоѓа Старата скопска чаршија. Дел е од градот со разновидна и богата историја, традиција, култура и архитектура, денес со направен спој меѓу старото и новото, стопанството и трговијата, културата и традиција. Во духот на историските временски и развојни прилики, културата на организација и традиција на живеење, во Старата скопска чаршија се сочувани бројни функционални објекти од османлискиот период, а изградени се и нови објекти како одлика на модерното време. Станува збор за Скопскиот безистен, Капан ан, Сули ан, Куршумли ан, Даут – пашиниот амам, Чифте амам, црквата Св. Спас, црквата Св. Димитриј, комплексот музеи на Македонија ( историски, археолошки, етнолошки музеј).


Скопје

Старата скопска чаршија, која датира од XII век, а најактивно се развивала од XV до XIX век, претставува комплексен стопанско – трговски, архитектонски и културно – традиционален склоп. Изградена е во ориентален стил, со неколку пошироки и повеќе тесни и со калдрма поплочени улици. Крај нив, слепени еден до друг, поредени се разни занаетчиски и трговски дуќани. Тука се среќаваат разни традиционални занаети, ковачи, кујунџии ( златари ), грнчари, папуџии, шивачи, саатчии, лимари, казанџии, самарџии со разни производно – услужни дејности. Активни се и разни продавници за современа индустриска стока и производи кои може да се сретнат само тука. Старата чаршија е надградена со најголемиот зелен пазар во Скопје. Чаршијата е центар на најатрактивните угостителски дуќани со разновидни традиционални јадења.


Даут – пашин амам, импресивен споменик на исламската архитектура и уметничка галерија

Даут – пашин амам е бања подигната во текот на XV век од големиот везир на Румелија. Најверојатно го граделе мајстори од познатата дебарска ѕидарска школа. Изграден во центарот на Скопје, на стотина метри од Камениот Мост, амамот е детално реставриран во 1948 година. Највпечатлив дел е покривот, составен од 13 нееднакво распоредени куполи. Во внатрешноста постојат 15 простории, различни по големина, меѓусебно поврзано со сводести премини украсени со ориентална орнаментика. Покрај Чифте Амам и Мала Станица, денес тој е дел од Националната галерија на Македонија. Даут – пашиниот амам располага со збирка од XV и XVI век, со богата колекција на слики од XVIII  и XIX век, како и од современото македонско сликарство.


Скопје

Куршумли ан е препознатливо историско наследство на Скопје

Се претпоставува дека Куршумли ан (оловен ан) бил изграден во средината на XVI век. Се состоел од два дела – едниот за сместување на трговците и стоката, а во другиот била шталата, помошните соби и собите за послугата. Долго време служел како собиралиште за трговците и нивните каравани и одиграл важна улога во развојот на трговскиот живот во градот. Улогата на преноќиште ја задржал до крајот на XIX век, а потоа бил претворен во затвор. Се верува дека името го добил во текот на XIX век, поради покривот кој бил изработен од олово. Импресионираат полукружните ѕидови на вториот кат и шадраванот во средина на анот. Денес во анот се наоѓа лапидариумот на Археолошкиот музеј, сместен во ќелиите на приземјето. Секоја ќелија содржи споменици кои потекнуваат од иста област и од ист период, кога Македонија била римска провинција.


Скопје

Градскиот конак Сули ан денес е галерија и музеј во Скопје

Сули ан е објект од XV век, изграден од Ишак бег. Во XVI век бил надграден, така што горните катови претставувале трговски дуќани. За време на земјотресот бил сериозно разурнат, но обновен е во својот првобитен изглед. Денес е седиште на Галеријата на современа уметност и Факултетот за ликовна уметност, а од 1983 година таму се наоѓа и Музејот на Старата скопска чаршија.


Скопје

Мустафа – пашина џамија една од најраскошните градби од отоманскиот период на Скопје

Мустафа – пашината џамија ја изградил скопскиот заповедник Мустафа паша во 1492 година. Се наоѓа спроти влезот на Скопското кале. Џамијата во основа претставува четвртест архитектонски постамент, изграден од мермерни блокови украсени со различни орнаменти. Минарето е изградено од бигорни блокови. Во оваа џамија, се наоѓа богато декорираниот саркофаг на Ума – ќерката на градителот на џамијата, потоа шадрван, остатоци од некогашните имарети, медреса и друго. Денес претставува значаен споменик на културата и место за духовна исповед на припадниците од муслиманска вероисповед.


Скопје

Саат кула е првата кула во Отоманската империја

Саат – кулата во Старата скопска чаршија потекнува од средината на XVI век, поточно од периодот од 1566 до 1572 година. Се смета за прва саат-кула во Отоманската империја, како дел од Султан – Муратовата џамија. Висока е 40 метри и се состои од неколку делови кои завршуваат со купола. Часовникот е изгубен за време на земјотресот во Скопје во 1963 година, кога кулата сериозно била оштетена. Денес привлекува забележително внимание со својата маркантност.


Скопје

Споменик на Скендер – бег

Ѓерѓ Кастриот – Скендер бег ( 1405-1468 ) е национален херој од Албанија, борец за слобода од османлиското ропство. Дело на скулпторот Тома Томаи Дема Бекир од Албанија, споменикот на Скендер – бег е поставен во 2006 година. Скендер бег се смета за голем водач, кој ги бранел и афинирал вредностите на средновековна Европа, пред тогашните османлиски завојувања на Балканот. Поставувањето на споменикот во Скопје е потврда за традиционалниот градски дух на заедништво.


Скопје

Св. Спас едно од најубавите мијачки копаничарски дела во градот Скопје

Црквата Св. Спас е изградена кон крајот на XVII век и претставува еден од најзначајните споменици на културата во Скопје. Се наоѓа десно од тврдината Кале. Навидум е мала и неугледна, но со големо значење. Посебно вреден е иконостасот, кој е работен цели пет години и е довршен во 1824 година. Изработен е од браќата Петре и Марко Филиповски од селото Гари и Макарие Фрчковски од Галичник. Иако релативно скромен по димензии, иконостасот импресионира со мајсторството на изведбата, со високиот уметнички квалитет и богатство на содржината, што го става во редот на врвните достигнувања на копаничарската уметност. Како споменик на културата заштитен со закон, во црквата се врши богослужба и верски обреди само за патрониот празник Спасовден.


Скопје

Музеј на Македонија во Скопје

Се наоѓа во Стара Чаршија, под Скопското Кале. Првиот Археолошки музеј во Македонија е формиран во 1924 година, а во 1945 година е востановен Народниот музеј на Македонија. Во 1949 година посебните одделенија во Народниот музеј се трансформираат во Археолошки музеј и Етнолошки Музеј. Почетоците на Историскиот оддел датираат од 1952 година. Денешниот музејски комплекс е изграден во 1976 година. На површина над 10.000 м2, на едно место можат да се видат систематизирани збирки на културно – историското наследство на Македонија од праисторијата до денес.


Скопје

Музеј на Град Скопје – од неолитот до денес

Музејот е сместен во адаптираниот дел од Старата железничка станица, разурната во земјотресот во 1963 година. Релативно зачуваниот дел од зградата денес е во функција на музејот, кој располага со простор од 4.500 м2, од кои 2.000м2 е изложен простор. Музејот поседува фонд од околу 22.000 музејски предмети од регионот на Скопје, распоредени во делови за археологија, историја, етнологија и историја на уметност. “Прошетка низ минатото” е постојана поставка во музејот, која го опфаќа периодот од праисторијата до почетокот на XX век за Скопје со неговата околина.


Скопје

Музеј на македонската борба во Скопје

Се наоѓа покрај Камениот Мост, на левиот брег на Вардар. Изграден е во периодот од 2008 до 2011 година, а официјално е отворен на 8 септември 2011 година. Се состои од 13 одделенија, во кои хронолошки е претставена историјата на македонскиот народ, од времето на ајдутството до периодот на социјализмот. На самиот влез во Музејот се наоѓа поставката на оригиналот на Декларацијата за независност на Македонија. Во музејот се наоѓаат 109 восочни фигури на личности од македонската историја, поголем број примероци оригинално оружје и мебел, масовни сцени, документи.


Скопје

Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија Во Скопје

Музејот на холокаустот е новоизграден објект на местото на некогашното еврејско маало, во близина на Камениот Мост, како еден од четирите вакви музеи во светот, веднаш покрај музеите во Ерусалим, Вашингтон и Берлин. Посветен е на македонските Евреи ( 7.148 луѓе ) депортирани во логорот на смртта Треблинка во Полска, во текот на Втората светска војна. Во него е поместена постојана изложба од животот на Евреите во Македонија и пошироко на Балканот.


Скопје

Музеј на современа уметност во Скопје

Музејот на современата уметност се наоѓа на Скопското Кале. Изграден е во 1970 година, како донација од полската влада, после земјотресот во Скопје од 1963 година. Зафаќа површина од 5.000м2 во три меѓусебно поврзани крила. Во нив се наоѓа просторот за постојаната поставка, салите за повремени изложби, салата за предавање, филмски и видео проекции, библиотека и архива, конзерваториската работилница, депоата, администрацијата и други помошни служби. Располага со драгоцена меѓународна колекција и дава репрезентативен увид во македонската современа уметност.


Скопје

Водно

Водно е планински локалитет кој се издига над Скопје до 1.061 метар надморска височина. Таму се наоѓа Милениумскиот крст, манастирскиот комплекс Св. Пантелејмон, а Водно располага и со парк – шума, планинарски домови, повеќе угостителски објекти, со уредени патеки за планинарење, паркиралишта за автомобили и широки панорамски погледи. Од Водно се гледа речиси целата Скопска Котлина и градот Скопје. Затоа, Водно е еден од најпосетените локалитети во околината на градот.


Скопје

Во јуни 2011 година беше пуштена во употреба жичарницата од Средно Водно до Милениумскиот крст, чија траса е долга 1.750 метри и се искачува од 570 до 1.068 метри надморска височина. Жичарницата располага со 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.


Милениумски крст во Скопје

Со 66 метри височина ова е највисокиот објект во Македонија. Милениумскиот крст е изграден во 2000 година на врвот Крстовар ( 1.061 метар надморска височина ) на Водно, во непосредна близина на Скопје, по повод преминот од вториот во третиот милениум.


Скопје

Манастир Св. Пантелејмон, Горно Нерези (XII век)

Овој манастир е со најзначајна фрескосликарска вредност во Македонија и едно од највредните дела на европското црковно сликарство. Во овој манастир започнува ренесансата во фрескосликарството, речиси цел век и половина пред појавата на ренесансата во Италија на Џото. Манастирот е изграден во 1164 година, за време на византиската династија Комнени. Така е запишано на мермерната плоча, поставена над влезната врата. Најдобрите мајстори и зографи на своето време го направиле своето најдобро дело. Ѕидан е со камен и тула, во форма на впишан крст во правоаголен простор и пет куполи.


Скопје

Манастирот преживеал пожар, земјотрес, разрушувања и грабежи, но останал сведок на богатиот црковен и културен живот во XII век и на црковниот митрополитски центар во Скопје. Овој манастир е дел од сите значајни енциклопедиски изданија за културата и уметноста во светот. Фрескоживописот од XII век ги претставува светите воини и испосници ( прва зона ), големите празници ( втора зона ), а најзначајни се фреските Оплакувањето на Христа и Симнувањето од крстот. Прекрасни се и композициите Успение на Богородица, Сретение, Богородица со Христа и Свети Пантелејмон.


Матка

Тоа е долината на пеперутките, е мошне карактеристичен локалитет во непосредна близина на Скопје. Се наоѓа северозападно од градот, на излезот на реката Треска од долгата Шишевска Клисура. Матка е комплекс од длабоко всечен кањон, во кој е изградена првата вештачка акумулација на Балканскиот Полуостров, во 1938 година. Има повеќе пештери, алпинистички тренинг – центар, уреден тек на Треска за кајак на диви води, комплекс од повеќе манастири, планински дом, ресторани, угостителски објекти, живописна природа со богат растителен и животински свет. Самата акумулација зафаќа површина од 0,25 км2. Долга е 5,9 км, со корисна зафатнина од 2,6 милиони м3. Наменета е за производство на електрична енергија на Скопје.


Скопје

Манастир Св. Андреј, Матка ( 1389 )

Изграден е на кањонот на реката Треска. Го изградил Андреја, вториот син на кралот Волкашин, во 1389 година. Има форма на издолжен триконхос, со средишна сводна купола. Фрескописци на манастирот се зографи митрополит Јован и монах Григориј, кои работеле и во манастирот Свето Преображение во Зрзе.

Фреските во Св. Андреј се новост во македонското средновековно сликарство и печат на новиот стил во тоа време, со појавата на исихазмот во монаштвото. Во три зони се претставени фрески на светите воини Ѓорѓи, Димитриј, Теодор Тирон и Теодор Стратилат во цел раст, како и фрески со сцени од животот на Господа Исуса Христа. Натписите се напишани со грчко и со црковнословенско писмо.


Скопје

Неолитско село Тумба Маџари

Локалитетот се наоѓа во сегашната населба Ченто и претставува најзначајна населба во Скопската Котлина од неолитот – младо камено време. Животот тука се одвивал во континуитет меѓу 6000 и 4300 година п.н.е., економска благосостојба и културен просперитет во средниот неолит ( 5800 – 5200 година п.н.е. ). Пронајдени се голем број керамички наоди, изложени во Музејот на Македонија.


Скопје

Од 2008 до 2010 година се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура, во кои е прикажан различен инвентар, со цел да се направи реконструкција на животот на неолитскиот човек. Куќите се од дрвена граѓа, трска, слама, облепени со кал и изградена според неолитските традиции. Распоредот на откриените објекти на локалитетот укажува на осмислена организација, тесно поврзана со значењето и улогата на светилиштето.


Скопје

Големата мајка – божица на плодноста

Во Тумба Маџари за прв пат е откриена теракотна претстава на Големата Мајка, претставена на засега непознат начин меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Импресивните димензии од 39 сантиметри висина, класична смирена поза на бдеењето над куќното огниште, ја прават оваа теракота ексклузивна. Долниот дел од фигурата го претставува домот заштитен од неа. Македонскиот неолит се карактеризира со култ кон Големата Мајка. Ваков тип фигури се пронајдени речиси во сите неолитски наоѓалишта во Македонија, но можеби најубава е Големата Мајка од Тумба Маџари.


Скупи - Град од римското и доцно античко време

Археолошки локалитет, кој се наоѓа на пет километри северозападно од Скопје, во непосредна близина на селото Злокуќани. Археолошките истражувања од 1966 година до денес ги врши Музејот на град Скопје. Досега се истражувани бедемите, театарот, цивилната базилика, градската вила, градската бања, улицата кардо, христијанската базилика, како и делови од источната и западната некропола.


Скопје

Овој римски град се оформил веројатно во периодот од XII до XI век п.н.е. Во текот на II век Скупи добил репрезентативен лик, при што централно место заземал монументалниот театар. Во 518 година Скупи настрадал во катастрофален земјотрес, по што престанува неговото урбано живеење, иако постојат индиции дека животот во форма на мала словенска рурална населба продолжил до X и XI век.


Аквадукт Во Скопје

Се наоѓа на два километри северно од Скопје. Изграден е од камен и тули и денес брои 55 лака потпрени на масивни столбови. Иако се поврзувало со Скупи, поради сличноста на градењето со Куршумли ан, се смета дека бил граден во XV век, кога градот почнал да се зголемува со новите исламски градби, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода. Количеството вода било константно и со гарантиран довод преку цела година.


Скопје

Катлановска бања

Бањата се наоѓа на околу 25 км од Скопје, во непосредна близина на Катланово, на десниот брег на реката Пчиња, на 230 метри надморска височина. Има повеќе извори. Главниот извор е со штедност од 15л/сек. Температурата на водата се движи околу 50 С. Според хемискиот состав, водите се алкални, земноалкални и сулфурни хипертермални. Погодни се за лекување на црнодробно-жолчниот систем, дишниот систем на метаболизмот, стомачниот црвен тракт, срцевото крвно заболување и слично. Банскиот комплекс е опремен со туристичко-угостителски и здравствени објекти, со карактеристики за комбинирани видови туризам: лечилишен, рекреативен, спортски, риболовен, ловен.


Скопје

Марков манастир - Св. Димитриј, с. Сушица (XIV век)

На околу 20 км од Скопје, крај Маркова Река близу селото Сушица, се наоѓа Марковиот манастир, наречен така по ктиторите – кралот Вукашин и син му Марко. Податоците за изградбата на манастирската црква (1345) и за ктиторите на манастирот, дава натписот нај јужниот влез, внатре во црквата. Црквата е во форма на впишан крст, изградена од камен и тули. Фреските се од XIV век. Тоа се богати илустрации од Богородичниот акатист, Христовите чуда, големите празници и повеќе поединечни фигури на светии, ангели, пророци, испосници и воини. Најпознатата фреска од овој манастир е Оплакувањето на Рахила, каде што е претставена тешката човечка драма, преку убивањето на децата во Витлеем.


Скопје

Манастирот има големо црковно и културно-историско богатство: икони, ракописи и книги, црковни предмети и реликвии. Овде се одвивал интензивен монашки живот, препишувачка и просветна дејност. Во XIX век игумен на манастирот бил македонскиот преродбеник и книжевник Кирил Пејчиновиќ, кој во манастирот основал училиште, а тука ја напишал и својата позната книга Огледало.


Спортски центар Борис Трајковски

Најкомплексниот спортски објект во Македонија. Поголемата сала има капацитет од 8.000 гледачи за кошаркарски натпревари и 10.000 за концерти и други културни манифестации. Располага со базен, сала за хокеј, пинг-понг, фитнес сала, кугларница, сауна. Тука се одржа Европското првенство во ракомет за жени во 2008 година.


Скопје

Национална арена Филип II Македонски

Повеќенаменски стадион, кој најчесто се користи за фудбалски натпревар, со максимален капацитет од 36.400 гледачи. Го користат фудбалските клубови Работнички и Вардар, како и фудбалската репрезентација на Македонија. Изградбата на Градскиот стадион започнала во 1978 со изградба на јужната трибина. Во 2008 година е урната старата северна трибина и изградена е ново според највисоките стандарди на ФИФА. По реконструкцијата на јужната во 2011 година се пуштени во употреба источната и западната трибина.


Скопје

Манифестации


Скопско лето (21 јуни – 31 јули)

Од 1980 година, концепцијата на манифестацијата опфаќа музички концерти, оперски, балетски и драмски претстави, ликовни и фото изложби, филмска програма, перформанси и мултимедијални проекти, како и сопствена продукција и бројни гостувања од странство. На триесетина различни локалитети, на Скопско лето пулсираат отворени сцени на Скопската тврдина, Старата чаршија, Куршумли ан, Кејот на Вардар, Градскиот парк, салоните на скопските театри и ликовните галерии.


Скопје

Мајски оперски вечери во град Скопје (9 – 31 мај)

Со традиција од 1972 година, фестивалот е еден од најпосетените настани во Скопје. Сцената на Македонската опера и балет е домаќин на програмата, која се состои од оперски изведби, но и балетски, концертни и симфониски настапи. Редовни учесници на Мајските оперски вечери се оперски и балетски уметници од соседните земји и од светот, како и ансамблите на Македонската опера и балет.


Скопје

Баскерфест Во Скопје (Мај – Јуни)

Интернационален фестивал на улични изведувачи, кој се одржува на повеќе локации во градот. Ова е слободен фестивал за целото семејство, на кој не се наплаќаат билети – единствената цена е придонес во шапките на артистите. Спектакуларна карневалска парада составена од голем број акробати, кловнови, комичари, одачи на штули, магионичари, жонглери, брејкери, куклари, карикатуристи, пантомимичари, национални танчари, музичари, надополнета со разновидни маски, костуми и музика.


Скопје

Пиволенд во Септември

Со околу 300.000 посетители, фестивалот е дестинација на квалитетна забава и презентација на пивски производители, придружена со фантастична храна од локалните ресторани, анимација на посетителите со музи.


Скопје





Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.