Штип


Штип - град под Исарот

Штип е град во источниот дел на Република Македонија, распространет по долината на реката Брегалница. Градот претставува најголем град во Источна Македонија и 7-ми град по големина во Македонија. Штип е седиште на истоимената општина и центар на Источно-планскиот регион. Штип е еден од најстарите градови во Македонија. Во 2008 година, Свети Никола бил прогласен за заштитник на градот. Штип важи за центар на текстилната индустрија во Македонија.

Каде е лоциран Штип?

Штип е лоциран на бреговите на реките Брегалница и Отиња, на ридестиот терен на тромеѓието меѓу Овчеполската, Кочанската и Лакавичката Котлина. Географската положба му овозможува да има значајна сообраќајна функција и сообраќајно добро да комуницира со околните населби. Од Штип се протегаат неколку сообраќајници, како што се патните правци кон Велес, Свети Николе и Куманово, патот кон Кочани, Делчево и Бугарија со крак кон Пробиштип и Кратово, патот кон Радовиш и Струмица со крак кон Неготино во Тиквеш. Низ градот минува и железничка линија преку која се поврзува со Велес и Кочани. Поради поволната сообраќајна положба, сигурноста на патиштата, развиеното занаетчиство и аграрот, Штип доживува интензивен урбан и стопански развој. Со изградбата на Вардарската железница стопанскиот развој на градот се засилува.


Info

Туристички атракции во Штип

Градот Штип има неколку туристички атракции значајни за развој на туризмот. Во околината на Штип е лоциран античкиот град Баргала и Штипската тврдина. На тврдината „Исар“ во Штип се чествува големиот христијански празник "Свети 40 маченици" и обичајот "Четрсе", на 22 март. Првиот македонски обичај кој е на светската листа на УНЕСКО, за нематеријално културно наследство. Обичајот налага, при искачување до врвот на тврдината да се поздравите со 39 луѓе, а 40-от да се бакне. Младите девојчиња и момчиња, за последен го оставаа оној/онаа кој(а) им се допаѓа. Исто така се фрлаат и 39 камења, а 40-то се носи дома, па се става под перница. Се верува дека тој што ќе се сонува ќе биде идниот избраник на девојката.

Баргала

Баргала е еден од по значајните доцно антички градови во Македонија, се наоѓа на 20 километри североисточно од Штип. Градот претставува тврдина опкружена со ѕидови и кули, со монументални влезови и порти, која датира меѓу IV u VI век. Со ѕидови дебели повеќе од два метри, ја изградиле Римјаните како воен логор, а потоа прераснала во граѓанска населба и ранохристијански епископски центар на Брегалничкиот регион. Во V век, особено во времето на Јустинијан I, Баргала го достигнала својот врв, но кон крајот на VI век во неколку наврати страдала при аварските и словенските освојувања.


Info

Во средниот век во Баргала се оформила нова населба. Локалитетот изобилува со археолошки наоди. Особено впечатливи се подовите на базиликата подигната кон крајот на IV век, а обновена во V u VI век, од кои како најубав се издвојува подот од презвитериумот, обложен со бели и сиви плочи. Резервоарот за вода и двете бањи (доцноантичка голема и мала бања) претставуваат добро сочуван комплексен објект со поединечни простории, меѓусебно функционално поврзани. Во Баргала се откриени и делови од стопански и станбени објекти. Денес во Баргала може да се види базиликата, резервоарот за вода, импресивната порта и голем дел од инфраструктурата на градот. Дел од градскиот бедем и главната порта се целосно конзервирани. Истражена е само една десетина од целиот локалитет, бидејќи целиот зафаќа површина од околу пет хектари.


Info

Исарот

Тврдината Исар или познатото Штипско кале е главното обележје на овој град и воодушевува со прекрасната панорама на Штип. Таа се наоѓа на истоименото возвишение, кое се издига на 120 метри, над устието на Отиња во Брегалница, на западната периферија на градот. На ридот се најдени камени споменици кои потекнуваат од 2 век до 6 век, како и остатоци од ранохристијанска базилика од 6 век. Во воените походи против царот Самуил, византискиот цар Василиј II ја освоил тврдината Стипеон, а по освојувањето на Штип од страна на Турците, во текот на најмалку два века, тврдината била користена како нивно упориште.


Info

Денешниот изглед на тврдината потекнува од 14 век. Тврдината се состоела од два дела: дворец (замок) со должина од 160 метри и најголема широчина до 20 метри, и стопански дел, со должина од 250 метри и широчина од 50 метри. Во 2009 година, откриени се 30 метри од тунелот што води од реката до врвот на Исарот, со што се потврдила легендата дека Штип бил освоен од Османлиите преку таен тунел под Исарот. Целата тврдина е опколена со ѕид кој ја следи конфигурацијата на теренот, во правец север-југ од околу 350 метри по една иста изохипса.


Info

Дворецот (замокот) на Исарот

Тој е поставен на највисокиот дел на ридот, зафаќа простор долг 106 и широк до 20 м. Западниот ѕид е поставен на работ на стрмната падина и повлечен е во права линија. Јужната половина му е широка 1,5 м и на него се потпирале (однатре) помошните градби. Северната половина на истиот ѕид е извонредно масивна, широка 2,65 м и на неа однатре се потпирала палатата. Низа дупки од големи греди на него укажуваат дека палатата имала сутерен и најмалку 1 а веројатно 2 ката.


Северниот дел на просторот завршувал со триаголна кула која денес е урната. Во северниот дел и на јужниот дел на обградениот простор се гледаат две цистерни за собирање дождовница, вдлабени во карпеста почва (големи се околу 4 х 5 и 4 х 8,7о м). Северната цистерна е поставена дијагонално на обѕидот и потекнува веројатно од постаро време (доцната антика ?). На средина на источниот ѕид (кој максимално е урнат) стои главната кула (донжон), голема 9,8 х 8 м и висока денес до 12 м (мерено од источното подножје). Покрај неа од јужната страна стоела порта за влез во замокот.  На северната страна на кулата е потпрена стражарската куќа за внатрешната (удвоена) порта; низ оваа порта се влегувало од предниот двор во дворот на палатата. Планот на замокот е целосен и компактен и укажува на еден градежен зафат.


Стопанскиот дел на замокот (цвингер)

Тој се простира на падините северно, источно и јужно од дворецот, на простор долг 250 и широк 50 м во северниот дел, а 60 м во јужниот дел. Обѕидието е запазено главно околу јужниот дел на тој простор. Една порта е видлива на средината од источниот ѕид (водела кон подградието), а друга порта стоела на југозападниот ѕид, на местото каде тој се потпирал на обѕидот на дворецот. Поради поголема сигурност во случај на напад, и двете порти биле поставени бочно во насока на обѕидот.


Најлесен пристап постои од север, по тесниот срт што се спушта кон реката, но на тој дел обѕидот е максимално урнат. Во тој простор се гледаат и бројни правоаголни длабнатини всечени во стрмна карпеста падина — сутерени од куќи што тука стоеле. Градежните особености на долното обѕидие укажуваат дека истото било градено во исто време со дворецот на врвот, во одминатиот 14. век. Обградениот простор мери повеќе од 1 ха и во него биле сместени објектите за слугите и стражата, работилниците, коњушниците, магацините и останатите стопански објекти на господарот. Во доцниот 14. век овој простор веројатно служел и како збег за граѓаните на штипското подградие. Во источното подножје на Хисарот лежат бројни траги од средновековното подградие. На неговиот северен дел стои добро запазена црквата на Св. Архангел од 14. век. Тоа е јадрото на денешниот град Штип.

Културно историски споменици во Штип

Градот Штип е значаен културно- историски град на Македонија. Располага со културни и религиозни објекти и голем број материјални споменици. Во Штип се наоѓа Градски музеј од 1952 година, градска библиотека уште од XIX век, старото училиште во кое работел Гоце Делчев.


Info

Црквата „Св. Никола“

Црквата „Св. Никола“ е една од најрепрезентативните сакрални објекти во Штип. Црквата е изградена од Андреја Дамјанов, на местото на постара црква од 1341 година. Според натписот над главниот западен влез, црквата била завршена на 10 мај 1867 година. Црквата се одликува со грандиозен иконостас којшто содржи бројни вредни икони. На северниот дел од иконостасот има 16 икони, а на главниот иконостас се наоѓаат дури 67 икони, најголем дел од нив насликани во 1890 година од страна на Димитар Папрадишки. Во 1990 година, во рамките на црквата е отворена галерија на икони изработени од познати зографи меѓу 17 и 19 век. Исто така, во галеријата има и стари книги, сребрени крстови, чаши за богослужби, венчални круни, псалми, евангелија и други сакрални предмети.

Хуса Медин Пашина џамија

Хуса Медин Пашина џамија или Црква Свети Пророк Илија е изградена на ридот, над јужниот брег на реката Отиња. Местоположбата е на доминантна позиција над градот, поради тоа црквата во 1882 година била разурната и претворена во џамија. Црквата била позната како поп Стариева црква, изградена од Константин Дејановиќ во 1381 година. Според некои извори џамијата потекнува од 17 век. Веднаш до храмот се наоѓа гробот на Хуса Медин Паша.

Фестивал Макфест

Штип е познат по тоа што првата опера во Македонија е прикажана токму во овој град. Тоа била операта "Палјачи", изведена во 1924 година од страна на рускиот музиколог Сергеј Михајлов. Почнувајќи од 1989 година, секој ноември, во Штип се одржува најголемиот фестивал на забавна музика во Македонија, “Макфест“.

Повеќе информации на официјалната страна на општината.







Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.