Велес

ВЕЛЕС - Град на преродбеници, револуционери и поети - лулка на македонската култура

Велес се наоѓа во централниот дел на државата, во средното течение на реката Вардар. Лежи на главната сообраќајница на Балканскиот Полуостров по Моравско-вардарската долина.


Местоположба

Низ градот минува главната железница во Република Македонија, од која се одделуваат два крака: едниот за источниот дел од Македонија (Штип и Кочани) и другиот за југозападниот дел (Прилеп и Битола). После Скопје, Велес е најважниот железнички јазол во Република Македонија. На северозапад од Велес се наоѓа главниот град на Македонија, Скопје, на североисток се наоѓа градот Свети Николе, на исток се наоѓа градот Штип, на југозапад се наоѓа Прилеп и на југоисток се наоѓаат Кавадарци и Неготино. Велес има мошне поволна географска положба, бидејќи е крстопат на меѓународни патни и железнички правци и еден од поглавните транзитни центри во Македонија. Велес е шести град по број на жители во Македонија со вкупно население од 43.716 жители.


Етимологија и историја на Велес

Велес е стар град. Во текот на историјата градот често го менувал името. Се спомнува во III век под името Вила Зора, со значење град-мост. Подоцна, градот го носел името Ќупурли. Денешното име го добил во VII век со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенското в лес, што значи в шума (заради густите шуми што го опкружувале). За време на СР Македонија, но и во првите години од самостојноста на државата, Велес се нарекувал со името Титов Велес, во чест на маршалот Јосип Броз - Тито. Имал улога на важен сообраќаен крстопат и познат трговски град, со силно развиено занаетчиство, а посебно грнчарство.


По Балканските војни и Првата светска војна градот губи дел од функциите. Тоа се одразува врз неговиот популациски развој. По Втората светска војна, Велес се развива во силен индустриски, управен и културен центар. Главна одлика на велешкото стопанство е индустријата: хемиска, индустријата на неметали и градежни материјали, металопреработувачката, керамичката, текстилната, прехранбената, крзнарската. Како развиен сообраќаен јазол, Велес претставува областен центар во Средното Повардарие. Има голема влијателна гравитациска зона, особено изразена по сливните подрачја на реките Бабуна и Тополка, која се шири и кон Овчеполието и Тиквешијата.


Културно-историски споменици

Споменик на Гемиџиите - “Се арчиме за Македонија”. Споменикот е посветен на дванаесетте гемиџии, поголемиот дел велешани, кои во предвечерјето на Илинденското востание во Солун извршија серија атентати, со цел да го свртат вниманието на Европа кон македонското прашање. Крај споменикот е испишана нивната порака “Се арчиме за Македонија”.


Veles

Споменик на Кочо Рацин

“Се к`ти ноќта црна...” Во чест на патронот на велешката гимназија, во 1968 година на Кочо Солев Рацин во неговиот роден град за прв пат му е поставен споменик. Споменикот е дело на академскиот вајар Димко Тодоровски, кој преку натприродната големина на фигурата на Рацин направил обид за претставување на големината на македонскиот народ.


Veles

Црква Св. Пантелејмон (1840)

Градската соборна црква Св. Пантелејмон се наоѓа во една длабнатина југозападно од Велес, неколку стотини метри од последните куќи. Црквата е под заштита на UNESCO и е Соборен храм на Повардарската епархија.  Фреските и иконите се дело на познати македонски зографи од Мијачијата, од Папрадиште и од Велес. Најмногу икони изработиле талентираните зографи Ѓорѓи Дамјанов и Ѓорѓи Јаков Зографски.


Veles

Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“

Познатиот антички – римски театар кој функционирал во древниот град Стоби пред две илјади години е дел од театарската традиција на овие простори. Традицијата ја продолжува просветителот и преродбеник Јордан Хаџи-Константинов Џинот. Неговите напишани драмски текстови, во 1845 година му го обезбедија приматот на основоположник на современиот театарски текст. Во познатиот центар на вековната театарска традиција, во градот Велес, од 1948 година работи професионален театар, односно Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.


Veles

Езеро Младост

Езеро Младост(Велешко Езеро)- Вештачка акумулација со атрактивни содржини и зона за рекреација. Езерото Младост се наоѓа на реката Отовица, лева притока на Вардар, осум километри северно од Велес. Опфаќа слив од 97 км2. Езерото е долго околу 2км, широко 0,4 км и зафаќа површина од 0,84км2. На езерото има тенка армирано-бетонска лачна брана, висока 35 метри, со кота на круната од 247 метри. Езерото е опремено со неопходните туристичко-угостителски објекти, а со специјално организираниот и уреден брод-ресторан претставува центар а туризам и рекреација во овој крај.


Veles

Археологија во Велес

Археолошки локалитет СТОБИ

Кога милениумите ќе се спојат во единствено раскошно чувство. Античкиот град Стоби бил пајонски, македонски и римски град. Првиот документиран спомен за Стоби потекнува од 197 год. п.н.е., кога на тоа место македонскиот крал Филип V ја поразил дарданската војска. Во изворите каде што римскиот историчар Тит Ливиј го споменува овој податок, Стоби носи епитет на „стар град”. Урбаниот дел на Стоби се наоѓа опкружен со бедеми на вливот на Еригон во Аксиос, денес познати под името Црна река и Вардар. Градот зафаќал мошне важна трговска и воена позиција. Променливите борби на македонците со северните соседи биле судбоносни за Стоби. Стоби со околината дефинитивно потпаднал под македонска власт во 217 год. п.н.е. за време на владеењето на Филип V.


Стоби се наоѓа во близина на Велес, на вливот на Црна Река во Вардар. Се наоѓа на левиот брег на реката, а се простира на неколку тераси на земјиштето. Под македонска власт потпаднал во 217 година п.н.е., во времето на Филип V. Во предримскиот период бил мал град со површина од 2.5 хектари. Поради својата локација на патот меѓу Дунав и Бело Море во долината на Вардар, малата населба станува стратегиски значајна. На преминот од старата во новата ера, кога станал римска провинција, Стоби прераснува во голем и развиен муниципиум (град со самостојна управа и право на глас). Својот нај репрезентативен изглед градот го добил во доцно римскиот период, кога станал значаен трговски, административен, воен и културен центар.


Прераснувањето на Стоби во град со самоуправувачки статус го посведочуваат епигравските споменици и ковањето на локалните монети со натпис „Муниципиум Стобенсиум” кои го опфаќаат времето од Веспазијан 69 год. до Елагабал 222 год. н.е. За економскиот и културниот растеж на градот особено сведочат палатите и базиликите, украсувани со фрески и мозаици, кои во најголем дел потекнуваат од IV и V век. Тоа е време на највисокиот процут и значење на Стоби, кога тој станал главен град на новоформираната провинција Macedonia Secunda. За кратко време градот бил изграден на осум пати поголема површина од дотогашната населба. Доказите за развојот на христијанството во Стоби потекнуваат од 325 година.


Во овој период Стоби бил град со единствена христијанска религија во царството и епископско седиште. Стобскиот епископ учествувал на Првиот црковен собир во Никеа. За растежот на христијанството, сведочи големиот број откриени крштелници во катедралните цркви. Градот доживеал големи пустошења при нападите на Хуните и Остроготите во V век. Во VI век настрадал од земјотрес и никогаш повеќе не бил основан. Значењето на Стоби го зголемуваат сознанијата за постоење голем број се уште неистражени артефакти.


Veles Arheoloski lokalitet Stobi

Манифестации во Велес

Меѓународен фестивал на античка драма „Стоби“. Со цел да се зачува традицијата на античкиот театар, со изведба на антички театарски текстови на древната сцена во Стоби, од 1992 година, на иницијатива на актерите при велешкиот театар, во летните периоди се одржуваат претстави во античкиот амфитеатар. Од 2001 година оваа традиција прерасна во Меѓународен фестивал на античка драма Стоби, која секоја година привлекува се поголем број на театарски уметници од светот. Фестивалот е атракција не само за велешани, туку и за љубителите на театарот од целата држава. За тоа сведочи огромниот број на посетители кој се движи од 2500 до 3000 по претстава.


На фестивалот традиционално се доделува наградата за најдобра претстава, наградата за режија, како и наградите најдобри актери. Древната сцена во Стоби е особено привлечна за театарските уметници, поради можноста за креација на вистински спектакли во древниот амбиент на античкиот амфитеатар и оживување на текстовите на Софокле, Аристофан, Еврипид и други антички автори.







Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.