Убавините на Национален Парк Маврово
Секое годишно време има своја бајковитост во Национален Парк Маврово. Затоа оваа дестинација е совршена и за летните и за зимските периоди. Штом еднаш ќе го посетите Маврово, тоа ќе се всели во вашето срце едноставно како сказна. Живописните села пред вас откриваат планински пејсажи и мистичноста на мијачката култура. Тиe се: Маврови Анови, Маврово, Леуново, Никифорово, Галичник, Ростуше, Гари, Јанче, Тресонче, Битуше и Лазарополе.
Каде е лоциран Национален парк Маврово
Национален Парк Маврово е лоциран во западна Македонија и зазема простор од 73.088 хектари. Најголем е меѓу трите национални паркови во Македонија, Маврово, Пелистер и Галичица. Како национален парк е прогласен во 1949 година и неговата географска положба е 41°40’N и 20°46’E. Во границите на паркот се опфатени планините: Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Крчин. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика. Во склопот на националниот парк е и Мавровското вештачко езеро.
Природните богатства во Национален Парк Маврово
Природните богатства во Национален Парк Маврово ве повикуваат на секој чекор. Маврово има 30 живописни пештери, меѓу кои и пештерата Шаркова дупка во близина на Ростуше. Во Маврово се наоѓа и Локув, најниското глацијално езеро во Македонија. Живописниот кањон на прекрасната река Радика, му дава посебна убавина на паркот. Многуте клисури, стрмни отсеци, карпи со различен облик и водопади го творат разноликиот и специфичен релјеф на Маврово.
Во границите на националниот парк Маврово се наоѓаат преку 52 планински врвови со надморска висина
над 2000м, од кои попознати се врвот Меденица на планината Бистра, Веливар, Сандакташ и др. Посебно значење за националниот парк Маврово има врвот Голем Кораб (2764 мнв.) кој е воедно и највисок врв во Р.Македонија, а со тоа и највисока точка на паркот . Најниската точка на националниот парк Маврово е на 600 мнв. и се наоѓа на самото место каде што Мала Река се влева во реката Радика.
Флора и Фауна во Национален Парк Маврово
Национален Парк Маврово има богата флора, со неколку ендемични видови на растенија, како и со 82 заштитени животински видови. Од вегетацијата на паркот најголема застапеност има заедницата од горска букова шума. Фауната на националниот парк Маврово исто така се одликува со значителна разноликост. Таа се состои од 140 видови птици, од кои, позначајни се: сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумскиот ут, големиот був, ливадската еја, степската еја, како и 11 видови водоземци, 12 видови на влечуги и 38 видови цицачи. Од цицачите најважни се: мечката, рисот, дивокозата и дивата мачка. Теренот нуди прекрасна можност да се истражи, додека јавате на коњ или додека се движите по велосипедските и планинарските патеки, а околните падини на планините ви нудат можност за кампување и долги прошетки.
Културно историски споменици во Национален Парк Маврово
Заштитен знак на регионот е и потопената црква „Св. Никола“ во вештачкото Мавровско Езеро, кое ја сокрива до покривот со секое надоаѓање на водата. Во близина се наоѓа археолошки локалитет Св. Никола. Локалитетот претставува некропола од доцниот среден век. За време на летниот период кога нивото на водата во мавровско езеро е помало, се гледаат и камени плочи од гробови и архаични крстови од бигор. Мавровското Езеро, пак, е погодно за посетителите во текот на целата година – лете за капење, а зиме, кога замрзнува, за лизгање.
Манастир Св. Јован Бигорски
Манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски посветен на Св. Јован Крстител, се наоѓа по течението на прекрасната Радика. Манастирот Свети Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас. Тој бил изработен од страна на Петре Филипов – Гарката од селото Гари.
Мост Елен Скок
Мостот е изграден на Мала Река, на околу шестотини метри од месноста Бошков Мост во близина на регионалниот пат Гостивар-Дебар во Национален Парк Маврово. Според кажувањата на локалното население и легендите, мостот бил изграден пред 3-4 века во спомен на загинувањето на еден волшебен и прекрасен елен. На планината Стогово, во непосредна близина на селото Могорче, ловџија од селото одејќи на лов пресретнал елен. Ја подигнал пушката за да пука. Но, кога еленот го погледал, сфатил дека еленот со топлиот поглед и ставот како да го моли да не пука, да не го убива.
Ловџијата бил маѓепсан, ја спуштил пушката, се доближил до еленот и почнал да го гали, а тој со главата го гушкал и го изразил своето пријателство. Така ловџијата и еленот се спријателиле и секој ден се дружеле. За средбите со еленот ловџијата им раскажал на селаните. Тие едно утро се упатиле да го бараат. Го сретнале и се обиделе да го фатат. Но, еленот почнал да бега и за да не стане плен на непознатите, се обидел да ја прескокне реката. Но, не успеал во тоа. Скокот бил за неколку педи пократок и ги скршил предните нозе. Во спомен на храброста и убавината на еленот, селаните на Могорче, кои биле прочуени мајстори, го соѕидале овој мост со невообичаена градба и архитектура.
Туристичка понуда на Национален Парк Маврово
Во рамките на Национален Парк Маврово има Информативен Туристички Центар. Инфо центарот се наоѓа во с. Маврови Анови, на главниот пат кој води во зградата на општината, т.е на оддалеченост од околу 500 м. од браната во Маврово. Истиот располага со податоци за туристичките капацитети во регионот. Издаваат и разни видови на дозволи потребни за одредени активности на територијата на паркот. Во центарот може да се набават мапи за движење и уште многу други работи, кои во огромна мерка го олеснуваат престојот на туристите во Национален Парк Маврово. Центарот работи секој ден од 08ч до 18ч.
Галичка свадба
Се одржува секоја година на Петровден – 12 јули и е културна манифестација богата со многу оригинални, единствени и неповторливи свадбарски обичаи и ритуали во Национален Парк Маврово. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните „од Галичник до Река“, со сиот подземен и надземен екот, кон каменот на Бистра и небесниот свод. Тие придружници на печалбарите на овој крај на Македонија, секогаш ја најавуваат Галичката свадба која е со најмногу сватови. Галичка Свадба во своето опстојување придонела да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај. Придонесува да се сочуваат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија-изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите.
Водопад Дуф
Водопад Дуф се наоѓаат во близина на с. Ростуше, а до нив од самиот центар на селото се стигнува за 30-тина минути. Патеката до водопадите е обележана, уредена, обезбедена со дрвена ограда и истата во неколку наврати е значително стрмна, но во поголемиот дел е лесно проодна. До самите водопади се поминува низ Дуфскиот кањон кој е висок и до 60 метри и кој претставува вистинска атракција. Местото е специфично и по пријатната клима, а температурата во најжешките летни периоди изнесува од 18 до 20 степени. Низ кањонот тече Ростушка река, која е најголема во пролетниот период. Главна атракција и вистински празник за очите е водопадот Дуф, според кој самото место го добило името, а се наоѓа на самиот крај на кањонот.
Најдобар период за посета на локалитетот е од месец мај до месец јули, кога низ Ростушка река и водопадот тече најмногу вода. Во околината на с. Ростуше може да ги посетите и неколкуте локални ресторани, во кои може да вкусите храна подготвена според традиционални рецепти. Постои можност ваква храна да ви биде подготвена и од локалните домаќинки.
Пештера Шаркова Дупка
Шаркова дупка се наоѓа во Општина Маврово-Ростуше, во Национален Парк Маврово, блиску до зимскиот туристички центар, поточно во селото Маврово. Пештерскиот бисер е лоциран во непосредна близина на последните куќи од селото. До влезот има 10-ина минути пешачење по изградена патека и скалила. Пештерата Шаркова Дупка, која е отворена за туристите, е заштитена со железна врата и со решетки. Украсена е со полукружни метални скали и целосно осветлена со рефлектори.
Пештерата се наоѓа на длабочина од 20-тина метри од влезот во истата, широка е околу 18 метри, а долга 25м. Во долниот дел од истата се наоѓа отвор кој води во уште две пештерски сали, кои сеуште се недостапни за туристи. Пештерата е откриена пред повеќе од три децении од страна на локалното население кое што тогаш се плашело да влезе во неа. Според една од приказните поврзани со пронаоѓањето на пештерата, селанецот со прекар Шарко, кој живеел во непосредна близина на пештерата, прв собрал храброст. Тој исекол неколку дрва, ги спуштил во дупката и, со јажиња и со помош од соседите, успеал да влезе во внатрешноста на пештерата. Оттаму пештерската убавица си го добила името Шаркова Дупка.
Покрај оваа има уште неколку интересни приказни за пештерата Шаркова дупка. Пред влезната врата е поставена табла со мапа, која ги објаснува пештерските украси и богатиот животински свет со кој изобилува. Посетителите се спуштаат во внатрешноста на пештерата со железни полукружни скали, кои водат во првата јама или дворана, на околу 20 метри под земјата. Таму температурата е под 12 Целзиусови степени.
Подземната убавица ја красат сталактити, сталагмити прекриени со корали, сливови драперии и друг пештерски накит, кој дава слика на негибната убавина. Бидејќи почвата е богата со железо, повеќето од украсите се со карактеристична црвеникаво-кафена боја. Во Шаркова Дупка има разновиден животински свет: лилјаци, пајаци, гуштери, разни видови инсекти. Пештерата е отворена за посета на организирани групи и е идеална локација за организирање на едукативни – образовни екскурзии.
Скиjaње во Маврово
Зимата во Маврово е волшебна. Тогаш може да го посетите снежниот град Бунец и да се упатите кон скијачките терени. Прекрасните заснежени патеки на планината Бистра ќе го разбудат спортистот во вас, а теренот нуди можност и за ноќно скијање. Повеќе информации може да најдете во официјалната страна на Национален Парк Маврово.