Мурат-пашина џамија
Мурат-пашина џамија се наоѓа во самиот средишен дел на Скопската Стара Чаршија во Скопје, во непосредна близина на Чифте амамот. Според натписот на мермерната плоча над влезната врата во Мурат-пашина џамија, на арапски јазик е објаснето дека истата била изградена некаде околу 1802 и 1803 година, откако претходно изгорела во пожарот од 1689 година.
Извршени се истражувања кои потврдуваат дека на истото место се наоѓала постара градба, од чии ѕидови се откриени остатоци. Последен пат Мурат-пашина џамија е реновирана кон крајот на XX век, од страна на скопското муфтиство. Реновирањето е извршено во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата на Република Македонија. Освен минарето, џамијата е релативно нова градба. Припаѓа на османлискиот барокен стил, со примена на неокласицистички исламски елементи. Градбата е со четвртест облик и е покриена со покрив на четири води.
Покрај главниот влез има и влез кој се наоѓа на северната страна. Внатрешноста на Мурат-пашина џамија содржи дрвен касетиран таван, како и галерија (махвил), махриб и говорница (мимбер). Истите се сметаат за карактеристични елементи на османлиската барокна архитектура. Во дворот на џамијата се наоѓа шадрван изграден во 1937 година. Пронајдени се и остатоци од гробишта, т.е. три надгробни споменици, кои потекнуваат од 1741 и 1790 година, додека за третиот е тешко да се утврди датумот.
Повеќе информации за Мурат-пашина џамија на следнава страна.