Скопски регион


Туристички атракции и културни обележја на Скопски регион

Скопски регион е конкурентен во ЈИЕ со препознатлив потенцијал за инвестиции и развој, во функција на подигање на стандардот и квалитетот на живот на граѓаните и искористување и заштита на природното и културно наследство рамномерно во регионот. Изобилува со природни и културно- историски објекти: археолошкиот локалитет Скупи, тврдината Кале, аквадуктот, Старата градска чаршија, бројни цркви и манастири и др. Во регионот успешно се развива урбан, бањски, транзитен и алтернативен туризам. Скопски регион се наоѓа во северниот дел на Македонија и се граничи со: вардарски, полошки, североисточен, источен и југозападен регион.

Локација на Скопски регион

Според локација, Скопски регион го опфаќа басенот на Скопската котлина и зафаќа вкупна површина од 1812 км2 или 7% од територијата на Република Македонија. Скопската котлина е ограничена со планински масиви,  Скопска Црна Гора на север, Градиштанска Планина на исток, масивот Мокра Планина на југ и ограноците на Караџица, Сува Гора и Жеден на запад. Регионот непосредно се допира со прекрасните клисурски долини на реката Вардар, како што се Дервенската и Таорската Клисура, Шишевската Клисура на реката Треска, Качаничката Клисура на реката Лепенец и Бадарската Клисура на реката Пчиња.


Skopski region

Скопски регион опфаќа 17 општини, од кои 10 се дел од градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Тие се: Град Скопје, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Шуто Оризари, Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Студеничани, Чучер Сандево. Повеќе информации може да најдете во Центар за развој на Скопскиот плански регион.

Сообраќајни правци низ Скопски регион

Во Скопски регион се среќаваат неколку сообраќајни правци. Едниот од Белград кон Солун (трансферзалата Е-75), вториот од Јадранско море кон Солун, третиот од Крива Паланка и Куманово и четвртиот кој оди од Охрид и Дебар кон Скопје. Градот Скопје претставува централен железнички јазол.  Во поглед на воздушниот транспорт, во Скопски регион е лоциран еден од двата национални аеродроми –  „Меѓународен аеродром Скопје“, што е од исклучително значење за функционирањето на регионот, како стопански и административен центар на земјата. Скопски регион има и еден спортски аеродром од класа А, лоциран во близината на Скопје. Овде е лоциран еден патен и еден железнички премин со Србија, како и еден граничен премин лоциран на аеродромот „Меѓународен аеродром Скопје“.

Клима во Скопски регион 

Скопски регион се одликува со средна годишна температура од 12 С и просечна годишна количина на врнежи од 500 мм. Регионот се одликува со континентална клима, со мали продори од медитерански влијанија, а во повисоките простори преовладува планинска клима.

Природни ресурси, Флора и Фауна во Скопски регион 

Скопски регион е ограничен со планинските масиви Скопска Црна Гора на север, Градиштанската Планина на исток, масивот Мокра Гора на југ и ограноците на Караџица, на Сува Гора и на Жеден на запад. Планини кои се во близината на град Скопје и кои се посетувани од илјадници посетители се: Скопска Црна Гора (1.653 m), Жеден (1.259 m), Водно (1.066 m), Китка (1.589 m), Караџица (2.217 m) и други.


Водно е најблиска и најпосетувана средновисока планина со поволна  географска положба до Скопје. Највисок врв е Крстовар, висок 1.066 m, каде што се наоѓа планинарски дом и Милениумскиот крст. До врвот на Водно, сообраќа жичарница. Околниот простор на Скопски регион е опкружен со неколку клисури, и тоа: на реката Вардар – Жеденска или Дервенска и Таорска; на реката Треска – Шишевска; на реката Лепенец – Качаничка и на реката Пчиња – Бадарската Клисура.

Кањонот „Матка“

Во Скопски регион има и еден кањон, кањонот „Матка“ на реката Треска. На околните планини и во работ на котлината се среќаваат неколку пештери, од кои најпознати се: Дона Дука, Врело, Крштална и други. Пештерата Врело се состои од две пештери (надводна и подводна). Подводната пештера Врело во моментов е најдлабока подводна пештера во Европа, со досега откриена длабочина од 212 метри. Надводната пештера Врело, или пештерата „Над Врело“, има должина од 150 метри. Иако со скромни димензии, таа е една од најбогатите со пештерски украси, сталактити, сталагмити, столбови и др.


Skopski region

Хидролошки карактеристики на Скопски регион

Скопски регион е познат и по реките што течат и се вливаат во главната македонска река Вардар. Станува збор за реките Треска, Лепенец, Патишка Река, Кадина Река и други помали. Реката Вардар е главна река и таа ја дели котлината на два дела: источен и западен. Вардар протекува и низ главниот град на Република Македонија, Скопје, и тоа во должина од над 20 km. Во близина на градот Скопје се наоѓаат вештачките езера Матка и Козјак. Друг важен хидрографски објект е изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдува градот Скопје сo  околните населби. Покрај хидроенергетскиот потенцијал, Треска и Кадина река со своите амбиентални убавини нудат извонредни услови за рекреација и развој на туристичко-угостителски содржини.


Во Скопски регион се наоѓа и бања, а тоа е Катлановска Бања. Резимирано, природното наследство во регионот го сочинуваат: Водно, Катлановско Блато, кањонот Матка, природниот резерват Јасен и други помали објекти. Посебно минеролошко значење имаат термалните и термо-минералните води во Катланово, кои даваат можност за развој на банскиот туризам на ова подрачје. Разновидниот геолошки состав, релјефната дисецираност, присуството на вода и климатските влијанија овозможиле богат растителен свет со разновидна дендофлора и тревна вегетација. Фауната е претставена со разновиден крупен и ситен дивеч: мечка, волк, дива коза, дива свиња, зајак, еребица и разни друди видови кои се од интерес за туристите.

Природно и културно-историско наследство во Скопски регион

Градот Скопје е главен град на Република Македонија, град со неколкумилениумска историја од неолитот, преку антиката и средниот век до денес, над 7.000 години континуирана населба. Скопје и околината на Скопски регион располагаат со познати културно- историски споменици, археолошки локалитети и спомен обележја.


Регионот располага со следниве музеи, спомен- соби и национални културни установи: Археолошки музеј, Музеј на Македонската борба, Природно- научен музеј и Зоолошка градина, Етнолошки музеј, Археолошки музеј, Македонско етно- село, Спомен-куќа на Мајка Тереза, Музеј на холокаустот, Музеј на град Скопје, Музеј на современата уметност, Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Универзитетска библиотека, Универзална сала, неколку универзитети и уште десетина други национални установи.


Тумба Маџари

Тумба Маџари е праисториска населба во Маџари во рамки на Скопски регион, стара од 6.200 до 4.200 г. пр.н.е. – истражени се седум куќи (живеалишта) со подвижен инвентар – садови, предмети, куќен теракотен жртвеник на божицата Голема Мајка – заштитничка на плодноста и едно светилиште. Според ископувањата, утврдено е дека станува збор за повеќеслојна населба со културен слој од три метри, во кој се одделуваат три хоризонти на живеење од времето на средниот неолит. Денес, на тоа место се реконструирани три куќи, кои се со правоаголна и четириаголна основа, изградени од дрвена граѓа, глинена кал, покриени со слама и во нив поставени се автентични огништа, керамички садови, разни предмети од средниот неолит, човекови и животински кукли.


Skopski region

Скупи

Скупи е археолошки локалитет, град од римско и доцно античко време. Името означува живеалиште, куќи. Се наоѓа на 5 km северозападно од Скопје во непосредна близина на село Злокуќани, лево од утоката на реката Лепенец, во подножјето на Зајчев Рид. За локалитетот се знае уште од крајот на XIX век. Со систематски археолошки истражувања започнато е во 1966 година, кои со помали прекини, континуирано се извршуваат до денес. Досега се целосно или делумно истражувани бедемите, театарот, цивилната базилика, христијанската базилика, градската вила, (палата), градската бања, улицата – кардо, делови од источната и од западната некропола.


Skopski region

Кале и Камен мост

Најновите археолошки податоци укажуваат на тоа дека Скопското Кале било населено уште од неолитот (пред 3.000 г. пр.н.е.) и во раното бронзено време. За ова тврдење сведочат остатоците од земјанки, колиби и палисади. Калето е познато и по својот бедем кој потекнува од 535 година, од времето на владеењето на Јустинијан I. Наоѓајќи се на многу значајно стратешко место, тврдината била опседнувана и напаѓана повеќепати.


Skopski region

Камениот мост е симбол на градот Скопје. Лоциран е во строгиот центар на градот, на реката Вардар, и претставува врска меѓу стариот и новиот дел на градот. Според новите истражувања во 1990 година, се претпоставува дека Камениот мост бил изграден во VI век, во времето на царот Јустинијан I, а во XV век го добил денешниот изглед, во времето на владеењето на султанот Мехмед II. Камениот мост е изграден од фино изработени камени блокови, а неговата конструкција лежи на масивни столбови поврзани со 13 полукружни сводови.


Археолошки локалитет Градиште, с. Таор

Станува збор за Тауресиум, родното место на византискиот цар Јустинијан I (483–565). Се наоѓа на локалитетот „Градиште“, над селото Таор, пред влезот во Таорската Клисура, на 20 km оддалеченост од Скопје. На овој локалитет се регистрирани слоеви на три населби од различни историски периоди – неолит, доцноантички и средновековен период. Откриени се: кастел со триаголна основа на ѕидините, кули, еден бастион, укрепени тераси, остатоци од водовод, доцноантичка некропола, дел од мермерна биста, столбови од рано- христијанска базилика, разни монети и др.


Skopski region

Акведукт

Римскиот акведукт се наоѓа на периферијата на Скопски регион, покрај патот Скопје– Качаник. Изграден е од тули и камен. Го снабдувал градот со вода од планината Скопска Црна Гора. Од некогашните 200 свода, денес се зачувани 50. Се претпоставува дека бил изграден во VI век, во времето на Јустинијан I, па поради тоа овој акведукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт.


Skopski region

Цркви и Манастири во Скопски регион

Манастир Св. Пантелејмон, с. Горно Нерези. На ѕидовите на овој манастир – уметнички споменик е зачувано фреско сликарство, кое по своите квалитети со право се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од периодот на XII век, времето на владеењето на познатата династија на Комнените. Според тоа, овој манастир има исклучителна раритетна фреско сликарска вредност (стара приближно девет века) за Македонија, за Европа, но и за светот. Манастирот бил изграден во 1164 година, со средствата на византискиот принц Алексеј, син на Константин Ангел и Теодора, најмладата ќерка на византискиот император Алексеј I Комнен.


Skopski region

Посебноста на објектот се гледа во стилот на градбата, градена од непознати талентирани градители и непознати талентирани зографи на живописот, кои според тоа што е насликано биле најзначајни имиња на своето време. Манастирот е изграден на монолитна карпа, објектот е ѕидан со камен и со тули, во форма на впишан крст во правоаголен простор и има пет куполи. Посебно внимание привлекуваат фреско сликарските композиции на „Оплакување Христово“, „Причестувањето на апостолите“, „Раѓањето на Св. Богородица“, „Влегувањето во Ерусалим“, „Симнување од крст“ и други. Во текот на долгата историја, манастирот преживеал пожар, земјотрес, разурнувања и грабежи, но останал свет и светол сведок, за богатиот црковен и културен живот. Денес манастирот е достапен и отворен за посета и за престој на голем број верници и туристи.


Манастир Св. Никита

На падините на Скопска Црна Гора, северозападно од Скопје, меѓу селата Горање, Бањани и Чучер, на една возвишеност, изграден е манастирот Св. Никита. Подигнат е на стари темели во 1307/8 година. Архитектонски, црквата е решена во форма на впишан крст во правоаголно пространство. Ѕидана е од камен и тули поврзани со малтер. Фреско живописот во црквата потекнува од времето кога е градена, со исклучок на некои делови од понов живопис.


Skopski region

Црквата е зографисана од зографите Михајло и Евтихиј. Истите мајстори се автори на фреските во црквите Св. Климент (Богородица Перивлепта) во Охрид и во црквата Св. Ѓорѓи во село Старо Нагоричино. Живописот на црквата е поделен во три зони. Првата зона ја сочинуваат светители во цел раст, кои се сликани, анфас. Фреските од втората зона им се посветени на „Христовите чуда“. Третата зона ги илустрира фреските претставени преку композициите на „Христовите маки“, од кој меѓу позначајните се одделува фреската „Тајна вечера“.


Црква Воведение на Св. Богородица

На падините на Скопска Црна Гора, во селото Кучевиште, се наоѓа црквата посветена на Св. Воведение на Св. Богородица. Кај населението таа е позната под името Св. Спас. Црквата била изградена пред 1348 година, а живописана помеѓу 1355 и 1358 година, од страна на зографот Григориј. Архитектонски, црквата во основа покажува впишан крст во правоаголно пространство, над чиј центар се издига висока купола на четири столбови. Од надворешната страна, апсидата е петстрана, украсена со ниши и полиња, со декоративно вѕидани тули.


Skopski region

Талентираниот зограф изработил повеќе композиции, од кои значајни се: „Миење на нозете“, „Оплакување на Христа“, „Богородица со Христа“ и др. Црквата во текот на долгата историја неколкупати е обновувана, па така денес се среќаваат неколку слоеви фреско живопис, при што е создадена цела галерија ликови, настаната во различни периоди. Во внатрешноста на црквата се наоѓа и иконостас со повеќе икони работени во XIX век. Меѓу нив, посебно место зазема иконата (врата) на Дичо Зограф од село Тресонче, работена во 1845 година, и спаѓа меѓу најраните Дичови дела.


Во непосредна близина на селото Кучевиште, во долината на Кучевишка Река се наоѓа и манастирската црква посветена на Св. Архангел Михаил и Гаврил. Црквата има форма на впишан крст со една купола. Годината на изградба на црквата не е утврдена. Утврдено е дека била фреско живописана во 1591 година. Ако се суди според начинот на градењето и стилските одлики на архитектурата, црквата веројатно била градена кон крајот на XIV или почетокот на XV век.


Марков манастир Св. Димитрија

Во околината на село Сушица, Скопско се среќаваат неколку цркви и манастири од XIV век, и тоа: Марков манастир, црквата Св. Богородица и црквата Св. Архангел Гаврил. Марковиот манастир е наречен со тоа име, затоа што ктитори биле кралот Волкашин и неговиот син – кралот Марко. Манастирската црква е изградена во 1345 година, а живо писана меѓу 1366 и 1371/2 година. Овој манастир го сочинуваат повеќе згради наредени како венец околу црквата, стариот и новиот конак, старата манастирска трпезарија, камбанаријата, воденицата и други помошни објекти. Црквата е во форма на впишан крст, а изградена е со камени тули. До манастирот води асфалтен пат, и во текот на годината е посетуван од многу верници и туристи.


Skopski region

Манастирот Св. Андреј

Во кањонот на реката Треска, до брегот од вештачкото езеро Матка, се наоѓа манастирот Св. Андреа или Св. Андреј. Од натписот во црквата се спомнува дека ја подигнал Андреа, вториот син на кралот Волкашин, во 1388/89 година. Во внатрешноста на црквата има неколку натписи, се спомнува монахот Калест Кирил, кој заедно со останатите „братја“ учествувал во градбата и бил игумен и основач на црквата, и дека по живо писувањето умрел.


Skopski region

Исто така, во друг натпис се спомнати и неговите зографи: митрополит Јован, зограф, и монахот Григориј, кои работеле и во манастирот Св. Преображение во с. Зрзе. Живописот во црквата е претставен во три хоризонтални зони, а особено забележливи се фреските на светите воини: Св. Ѓорѓиј, Димитрија, Теодор Тирон и Теодор Стратилат, прикажани во првата зона во цел раст. Во втората или средната зона се прикажани неколку сцени од „Маките на Христа“. Во третата, горна зона се илустрирани сцени од циклусот на Големите празници: „Раѓањето на Христос“, „Сретението“, „Крштевањето на Христос“ и други. Денес, поради пристапноста и атрактивноста на просторот, овој манастир и непосредното опкружување претставуваат интересна туристичка зона, која доста е посетена од верници и туристи од Македонија и странство.


Црква Св. Спас

Во Скoпје има голем број цркви, но најстара е црквата Св. Спас. Според историските извори, во Скопје биле подигнати голем број цркви во периодот од X до XIV век, но ниедна од нив не останала до денес. Во црквата среќаваме остатоци на фрески на јужниот ѕид кои датираат од XVII век. Обновата на црквата настанала по палењето на градот во 1689 година, а со тоа и на претходната стара црква. Конечниот изглед, црквата го добила во почетокот на XIX век. Црквата е до половина закопана вземи, за да не може да доминира, туку да биде во сенка на околната џамија.


Skopski region

Позната е по импозантниот иконостас (широк 10 и висок 6 метри), дело на тајфата на Макарија Фрчковски од Галичник, која на него работела од 1819 до 1824 година. Иконостасот е направен од ореово дрво и е со сцени од Стариот и од Новиот завет. Во дворот на манастирот, покрај црквата, се наоѓа и гробот на револуционерот Гоце Делчев. Црквата во текот на годината е посетувана од голем број туристи и верници. Во Скопје и околината  има голем број цркви и манастири. Поважни цркви во градот Скопје се: Св. Димитрија, Св. Богородица, Св. Ѓорѓи, Св. Петка, Соборниот храм Св. Климент Охридски и други.


Соборниот храм Св. Климент Охридски

Соборниот храм Св. Климент Охридски е еден од позначајните објекти од поновата историја на Скопје. Соборниот храм е осветен во 1990 година. Габаритот на храмот претставува архитектонска градба на спој меѓу старите со новите стилови на македонската црковна архитектура. Импозантната градба во комбинација од четири куполи и кули завршува во една голема осумаголна купола, со голем позлатен крст најгоре. Внатрешноста на црквата е фреско живописана и има голем иконостас на четири дела, изработени од македонски уметници, зографи и резбари. Во дворот на црквата има фонтана која е подарок од Исламската верска заедница. Исто така, во дворот на црквата се наоѓа и споменик на патронот, Св. Климент Охридски, како и висока камбанарија.


Skopski region

Отомански споменици во Скопски регион

Султан-Муратова – Хјинќар џамија

Султанот Мурат II во 1436 година ја подигнал оваа џамија како свое наследство. Меѓутоа, во текот на историјата, џамијата повеќепати има настрадано, но секој пат била обновувана. Второто име на џамијата Хјунќ-ар (царева, султанска) или Саат- џамија, поради саат- кулата што се наоѓа во нејзиниот двор, изградена во периодот од 1566 до 1572 година, како прва саат- кула во Отоманската Империја. Саат- кулата е висока 40 метри и има три дела. Во дворот на џамијата се наоѓаат и две турбиња, на Бејхан султан и семејната гробница на Али- паша од Дагестан.


Skopski region

Исхак-бегова (Шарена) џамија или Гази Иса-бегова

Изградена од Исхак- бег во 1438 година, кој покрај џамијата како наследство, подигнал уште турбе, медреса, конаци и згради кои ѝ припаѓаат на профаната архитектура. Низ историјата повеќепати била преправана, оштетувана, но и обновувана. Името Алаџа, што значи шарена, го добила по разнобојните плочки, кои денес се зачувани само на турбето зад џамијата. Иса-бегова џамија, Скопје. Оваа џамија се наоѓа во непосредна близина на Бит-пазар во Скопје. Подигната е во 1475 година од страна на Иса-бег, син на Исхак- бег, основач на Алаџа- џамија, како наследство. Има две куполи, а пред влезот во џамијата се наоѓа трем на столбови со пет помали куполи.


Skopski region

Мустафа-пашина џамија

Мустафа- пашината џамија е подигната во 1492 година од заповедникот на Скопје, Мустафа- паша. Мустафа- паша умрел во 1519 година и бил закопан во турбето што се наоѓа покрај североисточниот ѕид на џамијата. Денес во дворот на џамијата се наоѓаат турбето, на Мустафа- паша, саркофагот на неговата ќерка Уми, шадрванот, неколку надгробни нишани, како и остатоци од некогашниот имарет и од медресата. Џамијата има импозантна купола и тесно извишено минаре. Пред џамијата е поставен трем на четири мермерни столбови со три помали куполи. Џамијата е ѕидана со наизменични редови од клепан камен и два реда тули.


Јахја-пашина џамија, Скопје

Џамијата е подигната во 1504 година од Јахја- Паша во Скопје, како негово наследство. Во текот на нејзиното постоење, повеќе пати била поправана и доѕидувана. Минарето на џамијата е високо 50 метри и се смета за највисоко меѓу скопските минариња на другите џамии. На врвот од минарето се наоѓаат  полумесечина и ѕвезда, изработени од злато. Во дворот на џамијата се зачувани надгробни споменици и турбе.


Skopski region

Обележја на Старата Скопска Чаршија

Чифте-амам. Амамот е дело на Иса-бег, како наследство, изграден во 1531 година. Амамот е поделен на два дела, со посебни влезови за капење на мажи и одделно за жени, поради што го добил и името Чифте- амам (двоен амам).


Skopski region

Даут-пашин амам. Во непосредна близина на Камениот мост, во стариот дел на Скопје, се наоѓа еден од најмонументалните споменици на исламската профана архитектура – амамот на Даут- паша. Во времето од 1489 до 1497 година, Даут- паша бил велик везир на Румелија и го подигнал амамот со свои средства. Амамот повеќе време бил препуштен на постепено пропаѓање, но по извршената реконструкција, денес во него е сместена Уметничката галерија.


Skopski region

Куршумли-ан. Точен датум и податоци за подигнувањето на анот не постојат. Се наоѓа во Старата скопска чаршија. Името го добил по покривот на многубројните куполи обложени со олово (куршум). Куршумли-ан од своето постоење ја менувал својата функција: првин бил ан, потоа бил претворен во затвор, па пак во ан. Денес, неговите простории се користат како лапидариум на Археолошкиот музеј.


Skopski region

Дополнителни туристички содржини во Скопски регион

Милениумскиот крст во Скопје е изграден во 2002 година, а во чест на 2.000 години од појавата на христијанството. Основата на милениумскиот крст е поддржана од 12 мали столбови кои ги симболизираат дванаесетте апостоли,  и четири големи столбови (високи 10 метри), кои ги симболизираат четирите евангелија и кои заедно со непосредното опкружување прават крст. Над нив се наоѓа 67 метри висока челична конструкција и распон на краците од 46 метри. Крстот е поделен на 33 делови кои ги симболизираат годините на Исус Христос. Ноќе крстот е осветлен со 650 светилки. Милениумскиот крст е видлив во радиус од 40 km.


Skopski region

Македонско етно-село

Македонско село е комплекс со 12 етно куќи од разни региони од Македонија (Беровско, Струшко, Тетовско, Гостиварско, Битолско, Прилепско и др.), кој нуди можност за сместување на гости- туристи и има и други придружни елементи (селско- стопански двор, воденица, штала, чешма, но и музеј, амфитеатар, сувенирница, меана и сл.).


Skopski region

Други културно- спортски објекти се: Националната спортска арена „Филип II Македонски“, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Спортскиот центар „Јане Сандански“, Аква паркот, Хиподромот и др. Во Скопје, во текот на годината, се организираат поголем број манифестации – културни, музички, драмски, ликовни, литературни, спортски, забавни, научни, спортски и други. Најпознати се: „Скопско лето“, „Скопски џез-фестивал“, „Мајски оперски вечери“, „Бела ноќ“, „Баскерфест“, „Младински отворен театар“, „Пиволенд“, „Виноскоп“ и многу други.






Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.