Североисточен Регион


Туристички обележја на Североисточен регион

Североисточен регион е еден од осумте статистички региони на Македонија. Тој се наоѓа во североисточниот дел на државата и се граничи со скопскиот регион и со источниот регион. Регионот располага со повеќе туристички обележја и културни знаменитости со кои привлекува голем број на посетители. Како најзначајни се издвојуваат локалитетите Куклица, Кокино, Цоцев Камен и манастирот Св Јоаким Осоговски.


Info

Локација на Североисточен регион

Североисточен регион со својата локација го опфаќа крајниот североисточен дел на Република Македонија. Се простира по течението на реките Пчиња и Крива Река, а се протега долж границите со Република Косово, Република Србија и Република Бугарија. Просторот од север е ограничен со државната граница и планините Козјак и Герман, од исток со границата кон Бугарија, од југ со Осоговските Планини, а од запад со планината Скопска Црна Гора. Ова се истовремено и помаркантните релјефни форми во регионот. Меѓу нив се наоѓаат Кумановското Поле и Кривопаланечката Котлина со Славишко Поле.


Неговата вкупна површина изнесува 2.310 km2, односно 8,98% од вкупната територија на Република Македонија. Во планскиот Североисточен регион  живеат 172.787 жители во вкупно 192 населени места, 189 од нив рурални населени места и 3 урбани населби (Куманово, Крива Паланка и Кратово). Административен центар на Североисточен регион е Куманово со 76 000 жители.

Североисточниот регион го сочинуваат  6 општини: Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане. Повеќе информации за регионот може да се најдат во: Центар за развој на Североисточниот плански регион

Клима во Североисточен регион

Североисточен регион е со типично континетална клима. Просечната годишна температура во Кумановската Котлина изнесува 11.8 степени, а во Крива Паланка 10.2 степени. Просечната годишна количина врнежи во Куманово изнесува 549 мм, а во Крива Паланка 565 мм.

Природни ресурси Флора и Фауна карактеристики на Североисточен регион

Овој регион се карактеризира со заштитени природни подрачја и еколошки коридори на националната еколошка мрежа за поврзување на заштитените области и еколошки важните области. Како репрезентативни подрачја се дефинирани повеќе локалитети како на пример Кумановски Козјак кој е предложен за Парк на природата и покрај карпестите отсеци значајни за гнездење на неколку видови грабливи птици, подрачјето претставува краен северен ареал на распространување на некои медитерански видови (грчка желка, големо црноглаво грмушарче, лазач грнчар). Во  остатоците од дабови и букови шуми на северните падини се среќаваат и други значајни видови птици (црвеноградо муварче, Ficedula semitorquata).


Info

Локалитетот Кокино покрај големот културно значење има и голема геоморфолошка вредност. Тој претставува геолошка појава, излив (лачење) на пироксенски андезити и андензити со старост од 32-33 милиони години.


Реката Потрошница има голема орнитолошка и ботаничка важност.  Подрачјето е од посебно значење заради гнездење на повеќе видови грабливи птици и е јадрово подрачје на значајниот орнитолошки локалитет Пчиња-Петрошница-Крива Река.


Локалитетот Куклица во близина на Кратово, како споменик на природата претставува редок геоморфолошки облик.


Бислимската клисура е кратка клисура со изразено субмедитеранско климатско влијание, богата со подземни и површински карстни форми. Во пештерите се среќаваат значајни колонии лилјаци и е регистрирано присуство на троглофилни видови. Од посебно значење е за гнездење на некои медитерански и грабливи видови птици: египетски мршојадец, сив сокол, златен орел, лисест глувчар, црн штрк и други. По карпите се развива хазмофитска вегетација и овој локалитет има голема биолошка и геоморфолошка вредност.


Клисурата на река Киселица, е од голема зоолошка важност, иако оваа мала клисура е со недоволно проучени природи вредости. Значајна е заради присуството на видра, но возможо е присуство на уште неколку значајни видови од ’рбетниците.

Осоговски Планини

На територијата на Североисточен регион делумно се простираат и Осоговски Планини кои поседуваат значајни вредности од биолошки аспект. Идентификувани се голем број на меѓународно и национално значајни видови од флората и фауната, од кои значителен дел се засегнати, ендемични или ретки видови. Покрај тоа Осогово е идентификувано како: Значајно растително подрачје (ЗРП), Значајно подрачје за птиците (ЗОЛ), Важен коридор за движење на дивите растителни и животински видови во рамките на пан-европската еколошка мрежа за југоисточна Европа (PEEN SEE) и Емералд подрачје. Регистрирани се 18 хабитати според EUNIS класификациониот систем за хабитати, пет од нив се значајни за зачувување според Директивата за живеалишта. Регистрирани се 1007 видови и подвидови на растенија од кои 18 се регистрирани само на Осогово меѓу кои: Viola biflora, Anemone narcissiflora, Myriophyllum verticillatum, Pulsatilla montana ssp. Slaviankae и др.

Врвот Царев Врв е единствен локалитет за Genista fukarekiana (ендемично растение, се среќава единствено на Осоговските Планини), Hypericum maculatum ssp. Мaculatum и Viola biflora. На Осогово регистрирани се 258 видови макромицети. Утврдено е присуство на 24 видови цицачи. Регистрирани се  133 видови птици,  од нив 36 значајни видови.


Info

Особено значаен орнитолошки локалитет е „Раткова скала". Идентификувани се 10 видови водоземци и 21 видови влекачи. Познати се 11 видови риби од кои осум се вклучени  на Црвената листа на IUCN. На Осогово евидентирани се 16 балкански ендемити од групата полжави, вкупно 243 видови пајаци (14 ендемични), 37 видови скакулци (5 балкански ендемити), 15 видови вилински коњчиња, 99 видови дневни пеперутки (Erebia aethiops и Minois dryas се среќаваат само на Осогово), 203 видови тркачи - Carabidae. Осогово се карактеризира со интеракција помеѓу луѓето и природата, а биолошката разновидност и човековото наследство, сочувано во природни пејсажи, придонело кон формирање на карактеристични предели.

Хидролошки карактеристики на Североисточен регион

Територијата на Североисточниот регион ги опфаќа сливните подрачја на реката Пчиња и Крива Река и во најголем дел припаѓа на Вардарското сливно подрачје, а многу мал дел на меѓународниот слив на Јужна Морава. Во својата хидрографска структура регионот располага со разни видови на извори на вода и две вештачки акумулациони езера (Липковско Езеро и Глажња) погодни за викенд-туризам.

Водниот потенцијал се должи на релативно високата надморска височина на која се наоѓа дел од регионот, како и геолошкиот состав на земјиштето. Регионот изобилува со бројни реки и мали сливови кои припаѓаат на Крива Река и Дурачка Река. На подрачјето на општината Крива Паланка се изградени две акумулации: Базјачко Брдо со капацитет од 14.100 м3 вода и акумулацијата Влашки Колиби на локалитетот Калин Камен со капацитет од 6.200 м3 вода на надморска висина од 1.590 м. Покарактеристичен хидрографски објект е термоминералниот извор кај селото Проевци близу Куманово, кој е уреден како бања. Североисточен регион е познат и по изворина топла вода– бањи. Овде се наоѓаат Кумановска Бања – с. Проевце и Стрновац– бања во истражување и изградба.

Сообраќајни правци во Североисточен регион

Патната инфраструктура во Североисточен регион се состои од локална, регионална и А патна мрежа. Низ регионот поминуваат европските коридори VII и X. Постојната патна инфраструктура во Североисточен регион се состои од 888 км локални патишта, 99 км А државни патишта и 370 км регионални патишта.

Главни патни правци кој што го поврзуваат овој регион со другите регион се државниот пат  А1 (Скопје - Куманово - Граница со Македонија) и државниот пат А2 ( Куманово - Крива Паланка - Граница со Бугарија.

Покрај патиштата во состав на транспортните коридори се и железничките траси. Во Североисточен регион лоцирани се две железнички линии и тоа во коридорот бр. VIII e трасата на железничката линија од Куманово со врска со железничката линија од коридорот бр. X, преку Крива Паланка продолжува кон Р. Бугарија. Во коридорот X е трасата на железничката линија граница со Србија - Куманово - Скопје - граница со Грција.

Природно и културно-историско наследство во Североисточен регион

Туристичките трендови во Североисточен регион претрпеле релативно големи промени изминатите години. Потребите на туристите кои го посетуваат регионот се специфични и сегментирани, а според нив се прилагодила и туристичката понуда. Се поголемо внимание се посветува на креирањето на развојни туристички планови, програми и стратегии во тие дестинации.

Во Куманово, како најголема градска населба ги издвојуваме црквите Св. Никола (1851 г.) и Св. Тројца, Народниот музеј, Занаетчискиот дом, споменикот на Револуцијата и други споменици. Во близина на Куманово се наоѓаат манастирот Св. Богородица кај с. Мајтече (XIV), црквата Св. Ѓорѓи во с.Старо Нагоричино (XIV), манастирот Св. Пресвета Богородица– Карпински манастир кај с. Орах, костурницата Зебрњак и други.

Во Крива Паланка  за посета го препорачуваме манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски.  Во Кратово можност за посета нудат црквата Св. Ѓорѓи Кратовски, Св. Никола Чудотворец, Св. Јован Претеча, средновековните кули и мостови, музејот и друго.

Црквата Св. Ѓорѓи

Црквата Св. Ѓорѓи се наоѓа во с. Старо Нагоричино и таа се одликува со посебна убавина. Според врежаниот натпис, стои дека црквата е подигната во 1313 година, а вториот натпис од 1317/18 година се однесува на датумот кога била живописана од страна на познатите зографи Михаил и Евтихиј. Црквата е петкуполна трикорабна градба во форма на впишан крст со издолжен 162 травеј кон источниот и западниот дел. По својата архитектонска концепција е слична на црквата Св. Богородица, во манастирот Матејче. Од многуте фрескописни композиции, највпечатливи се „Причестувањето на апостолите“, „Тајната вечера“, „Миење на нозете“, „Распетие“, „Одењето на Голгота“, „Качувањето на крстот“, „Подбивањето со Христа“, „Успение Богородично“ и други.


Info

Манастирот Св. Јоаким Осоговски

Манастирот Св. Јоаким Осоговски е сместен на падините на Осоговоските Планини, во близина на патот што води од Крива Паланка кон Ќустендил во Бугарија. Манастирот е посветен на пустиножителот Св. Јоаким Осоговски, кој во XI век аскетски живеел во пештера, во близина на манастирот, во месноста Бабин Дол. Неговото заживување започнува од средината на XIX век. Имено, на иницијатива на главниот ктитор Хаџи Стефан Бегликчија од Крива Паланка, во 1847 година, под раководство на познатиот градител Андреја Дамјанов, започнува изградбата на големата „соборна“ црква посветена на Јоаким Осоговски. Во 1851 година таа е завршена и осветена. Другата, помала по димензии црква, е посветена на Св. Богородица, градена, според едни во XIV век, а според други во XVI–XVII век. Големата црква има дванаесет куполи и простран наос, обиколен со трем на западната и на јужната страна.


Info

Кратовски кули и мостови

Градот Кратово е познат по својата карактеристична местоположба, сместен е во кратер на згаснат вулкан. Токму поради  својата специфична местоположба и Кратовската Река која го пресекла кратерот и минува низ средината на градот, се формирала посебна градска архитектура. Како забележителни објекти се кратовската Ајдучка чаршија, како и кратовските кули и мостови. Во Кратово од поранешните 13 кули, денес постојат шест: Симиќева кула, Златкова кула, Хаџи-Костова кула, Саат-кула, Крстева кула и Емин-бегова кула. Од мостовите, најпознати се: Чаршиски мост, Радин мост, Аргулички мост, Грофчански мост и Јоркшиски мост.


Info

Манифестации во Североисточен регион

Во регионот се организираат повеќе манифестации, од кои попознати се: „Тумба фест“, „Денови на комедијата“ и „Меѓународен џез-фестивал“во Куманово, „Златни денови“ во Кратово, Фолклорниот фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, разни ликовни колонии (ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски) и друго.






Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.