Источен Регион


ИНФОРМАЦИИ ЗА ПЛАНСКИОТ ИСТОЧЕН РЕГИОН


Источен регион - карта

Планскиот Источен регион во Македонија претставува котлински, речен и планински предел што го опфаќа басенот на реката Брегалница. Во регионот се областите Малешевија, Пијанец, Кочанско Поле и Слан Дол. Во овој регион има 11 општини со 217 населени места. Од нив 209 се рурални и 8 се урбани населби (Штип, Кочани, Виница, Пехчево, Македонска Каменица, Делчево, Пробиштип и Берово). Административен центар во овој источен регион е Штип, кој има околу 47.000 жители.


Источен регион - скијање на Пониква

Планинарење и риболов во Источен регион

Планскиот источен регион е популарен за планинарење и риболов. Тој располага со повеќе планини, од кои најпознати се Осоговските Планини, со највисокиот врв Руен (2.252 м), а има голем број извори, реки, клисурести долини, обемни пасишта и шуми. Од средните планини познати се – Малешевските Планини (1.749 м) и Плачковица (1.754 м). Тука се наоѓаат и котлините и полињата – Беровска или Малешевска, Делчевска или Пијанец, Кочанското Поле, Лакавичко Поле и Овче Поле, потоа клисурите – Истибањска и Разловечка на реката Брегалница, клисурите на Злетовска и Зрновска Река, како и живописниот кањон Камник на Радоњска Река. Во овој регион има и многу реки, меѓу кои, поголеми се – Брегалница (долга 225 км), Злетовска, Кочанска Река, Крива Лакавица и други. Самиот источен регион располага и со помали водопади, од кои најпознати се Пехчевските Водопади. Вештачки езера се – Беровско Езеро или Ратевско, Калиманци, Гратче и Злетовското.


Источен регион - Планинарење и риболов

Источен регион - бањски и селски туризам

Регионот положен на реката Брегалница- како плански Источен регион е познат и по развиен бањски и селски туризам. Има неколку бањи од кои најпозната е бањата Кежовица, во близина на Штип. Поради бујната и разновидна природна конфигурација, во регионот има и повеќе рурални населби кои практикуваат селски туризам. Тоа се – Лесново, Злетово, Мородвис, Блатец, Зрновци, Разловци, Владимирово, Русиново, Ново Село и други.


Скијање во источен регион - Пониква

Важен центар за зимско-спортски активности е Пониква (1.580 м), каде што има ски-патеки, повеќе сместувачки капацитети, викендички, ресторани и Планинарски дом. Скијање на Пониква особено се препорачува за скијачи-почетници. Други туристичко-рекреативни центри и населби се – Берово, Абланица, Равна Река, Голак, Плачковица, Бела Вода и други.


Источен регион - скијање на Пониква

Источен регион - археолошки локалитети

Познати археолошки локалитети во планскиот Источен регион се – Баргала, Виничко Кале, Грнчарица, Крупиште, Мородвис и други. Баргала е доцно античка населба, која се наоѓа 12 км северо-западно од Штип и која се споменува уште од 371 година. Штип, првпат се споменува во римскиот период во III век под името Астибо. За време на Византија, градот бил познат под името Стипион. Археолошкиот локалитет Чрешче, пак, наречен и Хисар или Исар, е тврдина која се наоѓа во предградието на Штип, каде што се наоѓаат и други познати локалитети од сферата на културното наследство. Познат археолошки локалитет од раниот неолит – Грнчарица, во близина на селото Крупиште, каде што е откриен најстариот неолитски човек на Балканот и најстариот жител на Македонија, стар околу 7.000 години,  Моробиздон во селото Мородвис, Кочанско, како и повеќе цркви изградени во XIV век во близина на Штип, како што се – „Св. Архангел Михаил“, „Св. Јован Крстител“ и „Св. Спас“.


Источен регион - Археолошки локалитети

Културно-Забавни Манифестации

Во планскиот  источен регион се наоѓаат и повеќе музеи, а се одржуваат и голем број познати културно-забавни манифестации, како што се – „Мак-Фест“ и „Пастрмалијада“ во Штип, „Аматерски драмски смотри“ и „Здравоживо“ во Кочани, „Денови на оризот“ во село Оризари, „Гоцеви денови“ во Делчево, „Ѕвегорска сурва“ во село Ѕвегор, „Пијанечки малешевски средби“ и „Етно-Фест“ во Берово и други.

Источниот регион, сообраќајно е поврзан со неколку патни правци, од кои најважен е Велес-Штип-Кочани-Каменица-Делчево-Пехчево-Берово, а исто така, значајна сообраќајница е и железничката пруга од Велес преку Штип до Кочани.

Во овој регион има голем избор за сместување, многу хотели, хостели, вили, пансиони. Tуристите можат да се сместат и во приватни куќи и апартмани.


Источен регион - забавни манифестации




Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.