Пехчево



Местоположба на Пехчево

Пехчево е една од помалите општини во Репулика Македонија со површина од само 208 км2 и со околу 3.200 жители. Се наоѓа во крајниот источен дел на државата, покрај самата граница со Бугарија. Всушност најисточната точка на општината кај врвот Ченгино Кале (1745 м) е најисточна точка и на Република Македонија. Пехчево е сместено на возвишението  помеѓу Беровската и Делчевска Котлина. Надморската височина на Пехчево е од околу 700 до 1932 метри. Комуникациски е добро поврзано со регионални патишта кон Делчево, Берово, Виница и Кочани, а оддалеченоста од Скопје изнесува 170 км. Исто така, асфалтни патишта има до секое село во општината и до туристичкиот локалитет Равна Река.


Pehcevo

Клима и природни карактеристики

Во однос на природните карактеристики, без оглед на малата површина, општината е доста интересна и разновидна. Покрај планините, за овој простор е карактеристична долината на реката Брегалница, која е длабоко всечена помеѓу Влаина и Малешевски Планини. По должината на речното корито се создадени бројни брзаци, мали слапови и водопади високи до 10 м. Водопадите се мали, но атрактивни и привлекуваат се повеќе туристи. На 7 км. источно од Пехчево, во пазувите на Буковик и врвот Орловец ( 1723 м н.в.), се наоѓа карпестата формација кај народот позната како „Вртена скала“.


Климата на општината е континентална со умерено топли лета и студени зими. Преку лето климата е доста пријатна, често и свежа особено во шумските планински подрачја. Најдолги водотеци (подолги од 10 км.) на подрачјето од општината се: Брегалница, Желевица, Пехчевска Река, Панчаревска Река и други.


Покрај интересните природни карактеристики, општината Пехчево е примамлива и по архаичните селски населби, обичаите и начинот на живот во нив. Не помалку значајни се и  бројните манифестации. Во чест на празникот Павловден, градот Пехчево традиционално го организира Фестивалот на дувачки оркестри. Преку него Пехчево ја промовира традиционалната музика и на дувачките оркестри им овозможува поголема афирмација.


Туристички атракции

Развојот на туризмот и угостителството во последно време го има главното место во развојот на општината Пехчево. Како туристичка населба се издвојува „Равна река“ во чија близина се наоѓаат „Пехчевските водопади“, „Чабуковски водопади“, „Дебел рид“ и „Црн дол“. Во близина се наоѓа и шумскиот парк „Скокото“ со истоимениот водопад. Овде се изградени два мотели: Загорка и Идила кои располагаат со сопствени рибници, во кои се одгледува калифорниска пастрмка. Овој локалитет располага и со приватни вили за сместување, спортско игралиште за фудбал и кошарка, базен во рамките на мотелот Идила, место за пикник (летниковци), патеки за велосипеди и пешачки патеки.


Археолошките артефакти говорат дека на овие простори постоела населба уште во римско време, во која се топела железна руда која се експлоатирала од Буковик. На само 4 километри оддалеченост, во месноста света Петка, кај населението позната како Манастир, се наоѓа археолошкиот локалитет со истото име. Легендата вели дека станува збор за импозантен комплекс со камбанарија. Звукот од камбанаријата се слушал дури во соседните Берово и Царево село, денешно Делчево. Се верува и дека во близина на Пехчево се наоѓаат темелите на средновековниот книжевен центар Равен, каде што светите браќа Кирил и Методија ја создале глаголица, најстарото словенско писмо.


Туристите навистина може да уживаат во природните убавини на пехчевскиот крај. Можат да се запознаат со изработки од вештите раце на ракотворките и занаетчиите, да вкусат од прочуениот пехчевски кашкавал, сирењето и компирот. Ова, сепак, е само мал дел од она што го нуди општина Пехчево. Се вложува во современ спа-центар и се обновува патната инфраструктура, за современите потреби на мештаните и туристите.



Повеќе информации на официјалната страна.





 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.