Охрид

Охридско Езеро

Каде што запира здивот

Најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија е еден од најзначајните акватички екосистеми во Европа. Познато е како најдлабоко на Балканскиот полуостров и едно од најдлабоките во Европа. Тектонско езеро, кое со право го заспужува епитетот “македонско слатководно море”, не само сината боја, поинтензивна ид небесното синило, туку и поради површината.

Најголемата длабочина измерена меѓу селата Пештани и Трпејца се наоѓа на околу пет километри од езерскиот рег. Големата провидност на водата претставува вистинска реткост, за што помагаат бројните подводни врутоци и изворите по должината на источниот и јужниот брег.

 

 

Охрид

Град – Музеј под заштита на UNESKO, Бисер на Македонија

Охрид е град во југозападен дел на Република Македонија на североисточниот брег на Охридското Езеро. Сообраќајно е поврзан со патишта кои водат кон Скопје, Битола, Дебар и Република Албанија. Се наоѓа на стариот пат Виа Игнација, кој ги поврзува Јадранското и Белото Море, што било важна околност за развојот на Охрид во минатото. Во близина на градот се наоѓа Охридскиот аеродром, преку кој воздушниот сообраќај се одвива со одредени дестинации надвор од Република Македонија. Сообраќајот по водите на Охридското Езеро е од мало значење. Се користи во функција на риболов и за туристички цели. Единствена неповолност е отсуството на железничкиот сообраќај.

Во III век п.н.е. на денешното место на Охрид се наоѓала населба под името Лихнида. Ова важно и утврдено место во II век п.н.е. потпаѓа под римска управа и прераснува во значајна населба на патот Виа Игнација. Подоцна, Лихнида како богат и утврден град потпаѓа под византиска управа. Во VI и VII век имало тешки борби меѓу словенските племиња и Византијците. По победата, градот Лихнида Словените го преименувале во Охрид.

Во 879 година Охрид станува епископско средиште, а во 886 година, со доаѓањето на св. Климент и св. Наум, населбата прераснува во културен центар. Овие учесници на светите Кирил и Методиј одовде започнале да ја шират словенската писменост и книжевност.

Во составот на македонската држава, Охрид е престолнина во која било седиштето на Цар Самуил. Од периодот на неговото владеење датира Самуиловата тврдина. Тврдината е добро сочувана крепост во стариот дел на градот, за која најстарите податоци датираат од 476 година. По неговата смрт била разурната, но повторно обновена. Се користела и во времето на османлиското владеење.

Во текот на XII и XIII век Охрид се одликувал со развиени занаетчии и жива трговија и претставувал стопански центар. За време на Византија Охрид станува седиште на Охридската архиепископија. Како самостојна црква, Архиепископијата се одржала и за време на Цар Душан во средновековна Србија. Кон крајот на XIV век ( 1395 ) Охрид потпаѓа под османлиска власт и станува седиште на санџак. Истовремено, останал да биде и црковен центар, со ингеренции на Архиепископијата до Сава и Дунав, Црно, Јадранско и Бело Море. Охридската архиепископија е укината во 1767 година, со што Охрид ја губи улогата на центар на старата самостојна словенска црква.

 

Антички театар

Од античка драмска сцена и гладијаторска арена до платформа за современи културни настани

Античкиот театар во Охрид потекнува од хеленистичкиот период. Изграден е околу 200 година п.н.е. Се наоѓа во стариот дел на Охрид, меѓу двете страни на возвишението на Самуиловата тврдина, во добар завет погоден за акустиката при изведување на културно – уметничките претстави и спортските збиднувања. Од трибините на амфитеатарот се пружа извонреден поглед кон Охридското Езеро и планината Галичица.

 

Antique Theatre Ohrid

 

Кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век, значењето на Охрид значително опаѓа поради чести пљачкосувања од самостојните албански господари. Кон крајот на XIX век во Охрид живееле околу 12.000 жќители кои, главно, работеле во земјоделството и занаетчиството. Поради вишоците на производство кај занаетчиството се развива трговијата со поблиските градови и со некои поголеми европски центри. По Балканските војни, со иселувањето на Турците, Охрид популациски опаѓа. Во периодот меѓу двете светски војни слабо се развива.

Популациски и стопански напредува по Втората светска војна. Од повоениот перидо до денес, градот постојано бележи пораст на населението: од 1948 година со 11.169 жители, преку 1981 година со 30.093 жители, до 2002 година со околу 50.000 жители. Само во 1961 година до 1994 година населението нараснало за повеќе од два пати. Денес, Охрид има нагласена туристичка функција во регионот и пошироко.

Во охридската економија значаен приход се остварува од риболовот, индустријата и занаетчиството. Со развиените градски функции и развиениот терцијален и секундарен сектор, Охрид претставува центар за околниот гравитациски простор. Но, кога станува збор за туристичко значење, Охрид има голема привлечна моќ које не познава државни граници.

 

 

Спомени на св. Кирил и Методиј

Споменикот на св. Кирил и Методиј, израборен од бронза и поставен на мермерна основа, се наоѓа на Охридскиот плоштад, во непосредна близина на брегот на езерото. Изграден е во чест на апостолите на словенската и македонската писменост и образование од IX век.

 

Споменик на св. Климент

На плоштадот во Охрид, непосредно покрај езерскиот брег, се наоѓа и споменикот на св. Климент Охридски, исто така изработен во бронза и поставен на мермерна основа. Поставен е на основоположникот на македонската писменост и образование, отганизаторот на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, првиот македонски универзитет, еден од учениците на св. Кирил и Методиј.

 

Билјанини извори

Најопеаниот симбол на Охрид

Билјанините Извори се наоѓаат во подножјето на планината Галичица поде селото Рача, а околу изворите денес има паркови, спортски терени и ресторан. Има податоци дека вистинските Билјанини Извори се затрупани во 1956 година, кога дел од водата е пренасочен кон мрестилиштето за одгледување охридска пастрмка. Во 1980 година изградени се сегашните базени пред преливот, како естетска надградба на локалитетот. Со вода од изворите се снабдува Хидробиолошкиот завод, научна институција која се занимава со истражување и заштита на ендемскиот жив свет на Охридското Езеро. Билјанините Извори се природни, за кои е испеана народната песна Билјана платно белеше, позната ширум светот.

 

 

 

 

Самуиловата тврдина

Охридската тврдина, заштитено обележје на Охрид, претставува еден од најголемите средновековни градови на територијата на Македонија

Самуиловата тврдина во Охрид се споменува уште во V век од нашата ера од страна на римските историчари, што значи дека Охрид, како и повеќе градови низ Европа, се бранел од племенските напади при Големата преселба на народите во IV и V век. Охрид во 479 година ги одбил нападите на готскиот крал Теодор.

Самуиловата тврдина е користена и делумно проширувана во римскиот, а уште повеќе во време на византискиот период. За време на Самуиловото царство е значително проширена и доградена со силни бедеми. Денешната форма на тврдината потекнува од времето на Самуил, макар што и по него постојат податоци за разурнувања и повторни поправки на тврдината од страна на Турците и Византијците.

Тврдината се одликува со ѕидови со височина од 10 до 16 метри и дебелина од неколку метри. Од сите страни, со исклучок на јужната, која е свртена кон езерото, ридестиот дел на градот бил заштитен со високи ѕидови и кули во должина од три километри, близу охридското пристаниште.

 

Со своите утврдувања и ѕидини го зафаќа целиот Охридски Рид.

На тврдината денес се сочувани 18 кули и четири порти. Делови од тврдината се простираат кон езерото и кон понискиот рид на стариот дел на Охрид. Во стариот дел на градот се влегувало низ три порти, од кои зачувана е само Горна порта. Во нејзините ѕидови се вѕидани многу камења со грчки натписи. Под делумно урнатиот надворешен слој во внатрешните ѕидови се забележуваат хоризонтални слоеви од тули со византиски формат.

 

Охридска пастрмка

Охридската пастрмка е ендемски вид, слатководна риба во Европа и е најблизок предок на видовите кои живееле на ова подрачје уште од Терциерот.

Охридската пастрмка се разликува од поточната по сплеснатото тело, малата глава и ѕвездестите сиви дамки по телото. Бојата на месото кај некои од нив е бела, а кај некои розова. Максималната должина се движи од 25 до 60 см, а максималната тежина до 15,8 кг. Мелезите настанати со вкрстување на поточната и охридската пастрмка по телото имаат наизменично распоредени црвени кружни и сиви ѕвездести дамки како летницата. Охридската пастрмка е вкусна за јадење. Како еден од заштитните знаци на Македонија, таа се наоѓа и на македонските монети.

 

 

Плажи на Охридското Езеро

Покрај градските плажи во Охрид и Струга, на потегот од Охрид до Св. Наум е распослана охридската ривиера, во која свој интерес може да пронајде секој турист.

 

Горица

·         4 км од Охрид

·         Опкружување за чувство на спокој

·         Плажа заградена со високи карпи

·         Идеален поглед на целата охридска ривиера

 

Славија

·         4 км од Охрид, во месноста Свети Стефан

·         Една од најфреквентните плажи, уредена и чиста

·         Најголема атракција е 75-метарскиот тобоган

 

Метропол и Белби

·         8 км од Охрид, 100 метри од езерото

·         Два хотели со модерно опремени соби со поглед на езерото

·         Спортски терени, куглана, базени, сала за конференции, сауна, хелиотерапија, казино, фитнес

 

Лагадин

·         Најдолга плажа – 285 метри

·         Се организираат разни забави со снег – пена, дожд и балони

·         Со посебно место за паркирање на скутери и глисери

·         Посебна атракција е платформата за релаксација, пијалак и дружење

 

Елешец

·         Автокамп на 10 км од Охрид

·         700 легла во бунгалови и камп – приколки

·         Можност за престој со сопствени камп – приколки и шатори

 

 

Светиклиментовиот манастир Св. Пателејмон, Плаошник (IX век)

Во близина на ранохристијанската епископска базилика во месноста Плаошник, во 2002 година беше осветен новоизградениот храм посветен на св. Пантелејмон

Св. Климент, покровител на Македонија и на МПЦ-ОА, симбол на просветата и книжевноста, бил голем градител на цркви и манастири, од кои најпознат е манастирот на Плаошник. Најновите архиолошки истражувања од 2000 година потврдија дека на ова место тој обновил поранешен манастир во форма на триконхос (тролисна детелина). Тоа сведочи за христијанскиот црковен живот во Македонија од I век од новата ера, односно од времето на светиот апостол Павле, на кого се претпоставува дека му била посветена ранохристијанската базилика врз која бил изграден Светиклиментовиот манастир во IX век.

Откриени се и 500 гробови на монаси, како и други богати наоди: позлатени одежди, крстови, иконите на Богородица и Распетието Христово, релаквии од Светиклиментовиот манастир и римски монети.

На местото од манастирот на св. Климент, во XIV век била изградена нова црква, која во XV век Турците ја претвориле во џамија. Тогаш моштите на св. Климент биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид, поради што кај народот таа е позната како црква Св. Климент. На 8 декември 2000 година ( на празникот на св. Климент ), а по повод 2.000 години од христијанството, беше поставен камен-темелникот на новиот Светиклиментов манастир, кој беше осветен на 11 август 2002 година.

По 530 години, на денот на осветувањето на возобновениот манастир посветен на св. Пантелејмон, на Плаошник повторно се пренесени моштите на св. Климент Охридски, првиот словенски епископ од 893 година и основоположник на Македонската православна црква – Охридската архиепископија. Овде се наоѓала Охридската школа, жариште на словенската писменост, духовност и култура, која се смета за прв словенски универзитет во светот.

 

 

Манастир Св. Наум Охридски (IX – X век)

Изграден на висока карпа над самото Охридско Езеро, на најјужната негова точка, во место со ретка природна убавина, манастирот е еден од најзначајните духовни споменици од средновековното минато на Македонија

Подигањето на овој манастир е поврзано со името на св. Наум, соработник на св. Климент, двајцата најпознати просветители на македонскиот народ. Манастирската црква посветена на Соборот на светите архангели, што во 905 година ја изградил св. Наум, според формата и големината била иста со Светиклиментовиот манастир на Плаошник. Во неа се наоѓа и гробот на св. Наум, соѕидан во југоисточниот дел од нартексот, на истото место како и гробот на св. Климент во неговиот манастир во Охрид.

Plaoshnik

 

 

Црквата е градена со основа во облик на триконхос (лист на детелина). Околу X до XIII век била потполно урната. Дури во XVI век на нејзините темели е подигната сегашната црква, доградувана и проширувана во неколку фази. Во втората половина на XVIII век била изградена куполата над припратата на црквата, а последното значајно обновување било извршено кон крајот на XVIII век (1799 година). Во натписот над западниот влез однатре се споменува дека живописувањето на црквата се случило во времето на игуменот Стеван во 1806 година. Тогаш е живописана и капелата со Наумовиот гроб.

Промените во минатите времиња биле од таков карактер што наполно го измениле изгледот на Наумовата црква. Сегашната црква има форма на впишан крст со квадрато пространство со купола, поставена на четири столбови. Гробницата на св. Наум е долепена градба со широка и ниска купола. Во манастирот и денес стојат столбовите со врежани глаголски и кирилски букви. Со традиција на прв монашки центар во Македонија, кој датира од времето на св. Климент и св. Наум, манастирот денес има активен монашки црковен живот.

 

 

Св. Јован Богослов, Канео (1280)

Оваа средновековна црква е позната по називот на некогашната рибарска населба Канео, што на латински значи “блескоти”, еден од најфотографираните охридски симболи

 

Манастирот Св. Јован Богослов е изграден и фрескоживописан во XIII век, а ктиторот на црквата и сликарите на фреските не се познати. Фреските се зачувани во кубето и во олтарниот простор и се прилично оштетени, поради тоа што црквата подолг период меѓу XVII и XIX век била делумно разурната и напуштена. Тогаш бил уништен поголем дел од живописот. Во поновата историја на оваа црква се констатираат повеќе обнови и доградувања, а во 1889 година се поставува нов дрвен иконостас и се пресликуваат некои делови од стариот живопис. Првобитниот изглед на црквата Св. Јован Канес, еден од симболите на древниот Охрид, е вратен по конзерваториските работи во 1963 и 1964 година, кога била урната припратата со камбанаријата, кои биле доградени во XIX век. Тогаш биле откриени фреските во кубето. Постојат само делови од фреските од XIII век во куполата и апсидата. Прекрасни и специфични се двата ангела од Пречистувањето на апостолите, коишто се во царски одежди, што е реткост во живописувањето.

Соборна црква Св. Софија (XI)

Соборен храм во кој се востоличувале охридските архиепископи, во која е прогласено возобновувањето на Охридската архиепископија во 1958 година, а денес во неа се востоличуваат поглаварите на Македонската православна црква

 

Оваа катедрална црква е еден од најголемите комплекси на фрескоживопис на византиската уметност во Европа од XI век. Фреските од XI и од XIV век се од исклучително значење и наоѓаат свое место во сите научни изданија. Величествената припрата датира од 1313/14 година и е една од најубавите градби од тој вид во византиската и македонската градителска култура.

Црквата со декоративна фасада, ѕидана од тули и малтер, е посветена на св. Софија, што значи на Божјата Премудрост – Господ Исус Христос. Изградена е во X век врз темели на ранохристијанска базилика. Кон крајот на X век, кога македонскиот цар Самуил ја пренел својата престолнина од Преспа во Охрид, таа била катедрална патријаршиска црква. Денешниот изглед е од времето на охридскиот архиепископ Леон (1037-56).

Во ѓакониконот се насликани Шестмина римски папи, со што се искажува односот меѓу Цариградската и Римската црква пред 1054 година. Фреската Успенеи на Пресвета Богородица се наоѓа на западниот ѕид, како една од најстарите композиции на оваа тема во византиската уметност.

Св. Софија во втората половина на XV век била претворена во џамија. Фреските биле варосани, куполата урната и срамнена со покривот, олтарната мермерна преграда отстранета, а над северозападното кубе било подигнато минаре. Денес, црквата има постојан богослужбен живот, а се користи и како концертна сала и музеј.

 

 

Црква Св. Богородица Перивлепта

(Св. Климент) (1295)

Во оваа црква е потпишана Одлуката за автокефалност на Македонската православна црква и е востоличен првиот поглавар – архиепископот Доситеј (1958)

 

Годината на градење, во времето на византискиот император Андроник II Палеолог, ја дознаваме од текстот во натписот над влезот. Црквата претставува прекрасна целина на преубава градба и пребогат фрескоживопис. Меѓу народот е позната под називот Св. Климент. Така е од XV век, кога Турците до темел го урнале Светиклиментовиот манастир на Плаошник, а тука биле пренесени моштите на св. Климент. Таа станала и катедрален храм, односно станала храм на охридските архиепископи во времето кога Соборниот архиепископски храм Св. Софија бил претворен во џамија. Покрај првиот поглавар на МПЦ, во оваа црква се востоличени и следните тројца поглавари (Ангелариј, Гаврил и Михаил). Во неа е одржана и првата седница на Светиот архиерејски синод на Третиот архиепископски црковно-народен собор во 1967 година, кога е прогласена автокефалноста на Македонската православна црква. Црквата е во форма на впишан крст во правоаголник, со единствена централна купола. Дело е на македонското црковно градежништво, богато разиграно и архитектонски прекрасно обликувано. Фрескоживописот е дело на зографите Михаил и Евтихиј, најпознатите имиња од своето време, кои работеле и во манастирите Св. Никита во Бањани, Скопско и Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричани, Кумановско. Прекрасни се фреските во сите три зони.

 

 

Пештерски манастир Св. Еразмо (XIII век)

 

Во средниот век, култот на свети Еразмо, антиохиски епископ  проповедник, бил реширен и на Исток и на Запад, а особено во Италија, Франција, па дури и до Шпанија. Во Македонија неговиот култ е развиен во охридскиот крај, бидејќи тој во Охрид се задржал долг период од својот живот и остварил значајна мисионерска дејност во македонските краишта. На својот ранохристијански проповедник Охрид му посветил прекрасен манастир, изграден во една пештера покрај патот Охрид-Струга, крај самиот брег на езерото. Фреските, меѓу кои и ликот на св. Еразмо, потекнуваат од XII век. Во близина е откриена и ранохристијанска базилика од III-IV век, посветена на св. Еразмо.

 

 

Мали Св. Врачи (XIV век)

 

Црквата Мали Св. Врачи во Охрид се наоѓа во близина на црквата Св. Константин и Елена. Претставува мала еднокорабна црква. Фрескоживописот најверојатно е дело на зографот Теоријан. На јужниот ѕид на оваа црква е насликан заштитникот на Охрид, св. Климент, со модел на градот в раце. Во оваа црква е сочуван оригинален дрвен иконостас со торфирани столбови, кој се смета за најстар иконостас во Македонија (XIV век).

 

 

Св. Константин и Елена (1385)

Црквата Св. Константин и Елена во Охрид се наоѓа во непосредна близина на црквата Св. Богородица Перивлепта. Изградена е од страна на јеромонахот Партениј. Претставува еднокорабна градба и поседува фрески од времето на изградбата, но и од наредните периоди, поточно од XIV, XVII и XVIII век.

 

Св. Богородица Болничка

Горна порта (XIV век)

Црквата Св. Богородица Болничка во Охрид се наоѓа во непосредна близина на езерото на патот од Горна Порта. Претставува еднокорабна црква со фрески работени околу 1370 година.

 

Св. Никола Болнички (XIV век)

Црквата Св. Никола Болнички во Охрид се наоѓа наспроти Св. Богородица Болничка, крај сокакот кој води кион езерото. Изградена е за време на охридскиот архиепископ Никола, најверојатно во периодот 1342-1345 година. Се смета дека била имот на црквата Св. Богородица Перивлепта.

 

Залив на коските

Реконструирано праисториско наколно живеалиште – музеј на вода

Заливот на коските е реконструирана праисториска наколна населба од XII-VII век п.н.е., поставена над платформа која ја држат дрвени колци. Тоа е новоотворениот музеј на вода, каде во водата се поставени пронајдените остатоци од древното живеалиште, нуркачка база и реконструирани тврдини од Римското Царство од II век.

На овој локалитет, на длабочина од три до пет метри се пронајдени остатоци од 6.000 дрвени колци, кои најверојатно потпирале заедничка платформа на која имало 20-тина дрвени куќарки. Според истражувањата, површината на населбата се простирал на 8.500 м2. Со оглед на тоа што биле изградени од дрва, трски и кал, живеалиштата биле подложни на пожари и биле често обновувани, на што се должи големата густина на колците (најдени се остатоци од изгорени дрва и јаглен). Платформата со копното била поврзана со подвижен мост, кој во текот на ноќта се подигал заради заштита од животни и непријатели.

 

Kaneo

 

 

Моментални е реконструирана дел од населбата, кој брои седум куќарки изградени на платформа која е поставена над 1.200 колци кои се обработени за да бидат поотпорни и поиздржливи. Реконструирана е и внатрешноста на куќарките, што нуди интересно доживување за тогашниот начин на живеење. Во музејскиот објект се изложени и пронајдени керамички предмети, а поставен е и аквариум од колците под водата. Во нуркачката база љубителите на нуркањето имаат можност да нуркаат со водич и да ги испитуваат остатоци под вода.

Заливот и плажата, поранешниот дел од автокампот Градиште, на која е реконструирано ова наколно живеалиште го доби името Залив на коските, бидејќи при истражувањата се најдени многу животински коски, карактеристично за овој период од кој датира живеалиштето.

 

 

Click here to see the list of accomodation in Ohrid

Click here for Ohrid city tours

Click here to see the list of Ohrid Tourist Guides

Click here to see the list of Travel Agencies in Ohrid

 

 

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.