Струмичкиот карневал претставува многувековен традиционален обичај, кој своите корени ги влече од еден пагански култ и во суштина го означува славењето на плодноста и на прочистувањето. Карневалот во поново време преминал од обичај во манифестација, која во 1994 година добива меѓународен карактер.
Се одржува на почетокот на големиот Велигденски пост, а посветен е на верените девојки. Првите пишани извори за Струмичкиот карневал потекнуваат од 1670 година, од турскиот патеписец Евлија Челебија.
Отворањето на карневалот се проследува со маскенбал на кој се избираат принц и принцеза, а следниот ден се одвива главната интернационална карневалска вечер, каде што се доделуваат поединечни и групни награди.
Најчести мотиви се невестата со младоженецот, кои ги симболизираат младенците, потоа попот што ги благословува младите за среќа и слога во бракот, и ѓаволот, кого сите го бркаат – што претставува истерување на лошите сили.
Карневалот и градот Струмица, воопшто, се познати по великодушноста, ведрината и позитивното расположение, така што доколку присуствувате на оваа манифестација, под маска или без маска, несомнено ќе си поминете незаборавно.