Водечка сорта за производство на бели вина во Македонија е смедеревката. Оваа сорта е една од најстарите на Балканот, а во македонското виногорје е најраспространета во Повардарјето. Смедеревката зрее доцна, во почетокот на октомври, и се одликува со голем принос. Бидејќи е чувствителна на ниски температури, треба да се одгледува во топли виногорја на плодни и длабоки почви. Грозјето има тенка, проѕирна, цврста лушпа со зеленикаво-жолта боја, сочно е и има пријатен вкус.
Виното добиено од смедеревката се одликува со хармоничен вкус и фин вински мирис, свежо е, пивко и прилично слатко. Смедеревката е трпезно бело вино и пожелно е да се пие разладено на 8-10°С во придружба на лесни предјадења, бело месо, сирење, риба и зелени сезонски салати. Најчесто во летните денови, смедеревката во Македонија се меша со минерална вода, при што се добива освежителен шприцер.
Жилавката е сорта што е застапена во Велешкото, Овчеполското и Тиквешкото виногорје. Таа зрее доцна, во топли виногорја, на слаби, каменливи, варовити и суви почви. Гроздот на оваа чувствителна сорта има карактеристична тенка, проѕирна и зеленикаво-жолта боја. Грозјето е сочно и слатко, содржи прекрасна свежина, комбинирана со вкус и мирис на овошје, и дава бели вина со врвен квалитет.
Виното од жилавка ги содржи аромите карактеристични за сортата. Ова суво бело вино има полно тело и се служи на температура од 10 до 12 степени. Комбинирајте го со морска храна, тестенини, бело месо, сирење и предјадења на база на сирење, како и со десерти.