Пештера Врело на Матка - најфасцинантниот спелеолошки парк во светот
Матка е природен кањон, кој како географски релјеф е навистина особен, а пештерата Врело и спелеолошкиот парк се едни од најфасцинантните во светот. Прекрасниот кањон се наоѓа на само 15 километри од Скопје. Опфаќа 5.000 хектари од прекрасното езеро, стрмни планински падини, возбудливи пештери и живописни средновековни манастири. Благодарение на својата исклучително добра положба во близина на Скопје, кањонот привлекува туристи од целиот свет.
Тука се наоѓаат и десет пештери и две стрмни карпи кои се високи околу 35 метри и се вистински предизвик за алпинистите. Иако во Матка има толку многу пештери со различни големини, главна туристичка атракција која една мала земја како Македонија би можела да ја понуди е токму пештерата Врело. Двете пештерски езера и неколкуте убави и големи пештерски галерии, ја прават Врело интересна за посетителите.
Прекрасни пештерски украси во утробата на земјата
Вистинската убавина може да се долови однатре, во утробата на земјата, кадешто се сретнуваат прекрасни пештерски украси. На средината на пештерата се наоѓа огромен сталагмит во вид на шишарка. Пештерата Врело се наоѓа 50 метри над езерото. Таа е целосно туристички уредена со патеки кои се наменети за движење на посетителите. Врело е позната и по тоа што беше номинирана во изборот за едно од седумте светски чуда и се претпоставува дека е длабока 330 метри, односно дека е најдлабока подводна пештера во светот.
Нејзината непосредна близина до езерото Матка ја прави најпогодна за туристичка посета. А, двете езера во внатрешноста и неколкуте убави и големи пештерски галерии ја прават интересна за посетителите. Дотаму се пристигнува за дваесеттина минути, со едно од бротчињата стационирани пред ресторанот Кањон Матка. Во самата пештера има голем број пештерски украси меѓу кои доминира огромниот сталагмит во вид на шишарка кој се таложи веќе 2.700 години. Звуците што постојано се слушаат во внатрешноста на пештерата Врело доаѓаат од нејзините жители - лилјаците. На самиот влез на пештерата Врело е "Салата" во која понекогаш се одржуваат концерти. Музиката во овој простор добива сосема поинаков ѕвук.
Кањон Матка
Матка е седиште на бројни и разновидни билки и животни, меѓу кои некои се и единствени во регионот на Балканот. Во кањонот има 1000 растителни видови, од кои 20 се локални, како и разни видови пеперутки кои не можат да се најдат на друго место во Европа. Исто така, тука живеат и два вида на пајаци и пет вида шкорпии кои се уште не се видени на други места. Во кањонот живеат и лешинари, како и белоглавиот орел, кои се заштитени со закон за да се зачуваат од истребување.
Возејќи се со бротче низ кањонот можете да уживате во величенственото опкружување, во мирисот на билките и црцорењето на бројните птици кои живеат тука. Подводните пештери претставуваат природно богатство и привлекуваат како домашни така и странски посетители. А, воедно носат и големи научно-истражувачки резултати и сознанија. Подводните пештери се често извори на чиста вода, којашто претставува само 2.5 проценти од вкупната водна површина на Земјата.
Приказната за Врело продолжува
Врело со досега откриена длабочина од 240 метри, не е целосно истражена. За пештерата Врело се смета дека е една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот. Се уште траат истражувањата на пештерата под Врело, која е исполнета со вода и е единствена таква во Македонија. А, според текот на досегашните истражувања, се очекува дека ќе биде и најголемата во Европа. Тука може да се види и врелото за кое се претпоставува дека доаѓа од Патишка Река, оддалечена оттука дури 15 километри. Освен пештерата Врело, тука се и пештерите Убава и Крштална.
Повеќе информации за пештерата на следнава страна.