Езеро Матка - парче недопрена природа
Во северо-западниот дел на Македонија, во близина на Скопје, на р.Треска, е лоцирано езерото Матка. Езерото Матка е најстарото вештачко езеро во Македонија, чијашто акумулација е изградена во 1938 година. Акумулационото езеро Матка, се протега 7 километри низводно по реката Треска, величенствено со својата метално сиво - зелена боја. Стрмните сиви седиментни трошни карпи, омилена рута и вечен предизвик на алпинистите - авантуристи, се издигаат високо над езерото, а со своите крајбрежја остро ја засекуваат мистериозната водена површина на езерото.
Преубаво парче недопрена природа, богата со ретки животински видови и со ендемични растенија на само 15 километри од главниот град. Нешто со што може да се пофали ретко која земја во светот. Матка е дом на големо богатство на природни реткости, богати дабови и букови шуми, преубавите розеви цветови на Наталиевата Рамонда, белоглавите орли, единствените пеперутки и спелеолошките објекти. Оваа локација изобилува и со голем број културно-историски споменици, главно, манастири, заради кои, со право, ја нарекуваат и мала Света Гора.
Температурата на водата во езерото Матка е констатно 7 до 9 Целзиусови степени, а температурата на воздухот во лето е за околу 9 степени пониска од онаа во градот. Од браната Матка 1 до Матка 2 има девет километри, а до Козјак вкупно 25. Добиено е со преградување на реката Треска со брана („Св. Андреја“), и создавање на вештачка акумулација во кањонот Матка. Од Езерото водата се користи за добивање на електрична енергија, но и за наводнување на селата во околината. Езерото е порибено и често пати се користи и за спортски риболов. Во ова езеро се наоѓа и подводната пештера Врело, една од најдлабоките подводни пештери во Европа, која има длабочина повеќе од 203 m.
Пештера Врело
Матка е природен кањон, кој како географски релјеф е навистина особен, а спелеолошкиот парк е еден од најфасцинантните во светот. Од десетината пештери во спелеолошкиот парк, Врело е единствената што во моментов функционира како туристичка атракција. Нејзината непосредна близина до езерото Матка ја прави најпогодна за туристичка експлоатација. А, двете езера во внатрешноста и неколкуте убави и големи пештерски галерии ја прават интересна за посетителите. Дотаму се пристигнува за дваесеттина минути, со едно од четирите бротчиња стационирани пред ресторанот Кањон Матка. Во самата пештера има голем број пештерски украси меѓу кои доминира огромниот сталагмит во вид на шишарка кој се таложи веќе 2.700 години. Звуците што постојано се слушаат во внатрешноста на пештерата доаѓаат од нејзините жители - лилјаците.
Се уште траат истражувањата на пештерата под Врело, која е исполнета со вода и е единствена таква во Македонија, а според текот на досегашните истражувања, се очекува дека ќе биде и најголемата во Европа. Тука може да се види и врелото за кое се претпоставува дека доаѓа од Патишка Река, оддалечена оттука дури 15 километри. Освен пештерата Врело, тука се и пештерите Убава и Крштална.
Културно-историски споменици
Покрај тоа што е заштитена како споменик на природата, Матка изобилува и со голем број културно-историски споменици поради кои ја дефинираат и како мала Света Гора. Сега се останати десетина манастири, меѓу кои шишевскиот, посветен на Св.Никола, изграден или пак обновен во 1345 година, манастирот „Св. Јован Златоуст“ во селото Козарево, манастирот „Света Богородица“ во близина на селото Глумово, манастирот „Св. Андреј“, црквите „Св. Троица“, „Св. Петка“, „Св. Атанас“, „Св. Никола“ во Нир и „Света Недела“. Вљубениците во културно-историските споменици можат да добијат организирани аранжмани, меѓу кои, посета на Марков град, средновековна населба-тврдина од 14 век. Во тврдината се наоѓаат остатоци од црквите „Св.Недела“, „Св.Ѓорѓи“ и „Св.Троица“.
Тука е и локалитетот наречен Маркова нога, со кој се поврзани легендите за Крали Марко. Една од нив се однесува и на отпечатокот во ѕидот од манастирот „Св.Андреа“, наречен Маркова рака. Според легендата, Крали Марко со брат му Андреа минувале оттука и застанале да се одморат и освежат. Андреа влегол во меаната што се наоѓала на местото од сегашниот ресторан во која имало голем турски аскер. Турците го убиле Андреа, а Крали Марко, откако го одмаздил, како знак на предупредување оставил отпечаток од својата дланка во ѕидот од манастирот.
Туристичка понуда на езеро Матка
Од манастирот „Св.Никола“ се простира најубавиот поглед кон планинарскиот дом и кон манастирот „Св.Андреа“. До таму може да стигнете пеш за околу 2 часа, а по спуштањето долу, се тропа на клепалото и по вас доаѓаат со едно од бротчињата. „Св.Јован Златоуст“ е следна дестинација, и до тамошното лековито изворче имате половина час пешачење. До Марковиот град и до црквата „Св.Недела“ пак, се стигнува за околу 80 минути. Многубројните патеки овозможуват несекојдневни доживувања и се одлична рекреација, а најголемо задоволство се прекрасните глетки што ви го одземаат здивот. Голем број патеки меѓусебно се испреплетуваат и надоврзуваат, па, велат, невозможно е да се изгубите.
За љубителите на поекстремните спортови, на Матка има можности за спортско качување и алпинизам. Со оглед на тоа што Матка, меѓудругото, е и срцето на алпинизмот во Македонија и токму оттука почнува историјата на алпинизмот кај нас. Алпинистичките и спортско-качувачките насоки се наоѓаат, главно, на пет локалитети: Централа, Отмарова карпа, Карпа кај домот, Маткино трло и Иглите на Матка. Меѓу другите содржини што се нудат, тука е и Кајак центарот кадешто е одржано и Првото светско првенство во кајак на диви води во 1975 година и Европското првенство во кајак на диви води.
Повеќе информации на следната страна.