Љубојно значи Љубов
Селото Љубојно е место со богат дух, историја и традиција, кое за првпат се споменува во една повелба од 1337 година. Се наоѓа приближно 2 километри источно од Преспанското Езеро, на надморска височина од 920 метри. Распослано е во западните пазуви на раскошната планина Баба, а покрај него тече Брајчинска Река. Се вели дека љубовта го крепи ова село, затоа што во коренот на неговото име се крие токму зборот љубов. Според едно предание името на ова место дошло по првонаселената меанџика Љуба, која точела многу убаво вино. Кога муштериите влегувале во меаната гласно нарачувале „Љубо, вино“.
Друга верзија за името според народните преданија, Љубојно своето име го добило од зборот „љубов“. Поточно, многу одамна се вљубиле момче и девојка од соседните населби, но поради лоши соседски односи на жителите од населбите, младите не смееле да се земат. Меѓутоа, тие сепак одлучиле да се земат и да побегнат. Се доселиле во близината на реката и останале среќно да живеат. Подоцна, во близината на местото на вљубените се доселиле други семејства и поради тоа, местото го нарекле Љубојно. Тоа е само една од приказните проткаени во историјата на Љубојно. Пробајте и вие да создадете нова историја на местото каде љубовта е почетна станица.
Село кое има моќ да ви го разубави сонот
Љубојно е ридско-планинско село од збиен тип. Во него има околу 350 куќи, кои се изградени наблиску и кои се поврзани и правилно распоредени покрај тесните улички. Повеќето куќи ги краси фино делкан камен и разнобојни фасади на кои се извишени пространи балкони, а дворовите им се оградени со високи авлии и со широки порти. Сите што го посетиле Љубојно ќе ви се пофалат дека ова село има моќ да ви го разубави сонот и да ве ревитализира и освежи. Регионот е богат со овошни насади. Карактеристични за ова село се беспрекорно вкусните јаболка. Посебен е начинот на нивното чување во јаболкова слама.
Карактеристично за Љубојно е тоа што уште од поодамна било просветен центар. Првото училиште во селото било изградено во втората половина на 19 век. Уште со доселувањето во овие предели, старите жители почнале да градат цркви. Денес постојат три цркви во селото и уште девет околни цркви, кои според верувањето на мештаните го чуваат селото. Во атарот на селото постојат и повеќе локалитети од археолошко значење. Тие што биле во Љубојно и ја засведочиле неоговата магична убавина, засекогаш го понеле споменот на селото во своите срца.
Повеќе информации за селото Љубојно на следнава страна.