Градот Охрид има вековна традиција на музејската дејност. Во времето од 1516 до 1916 година опстојувала "ризницата" (музеј) на Охридската архиепископија, што охридскиот музеј го прави еден од најстарите во Европа. Во рамките на овој Музеј, во 1952 година се формирал Архивски центар кој по две години, во 1954, се одвоил како посебна институција. Истата, 1952 година, била основана и Уметничка галерија во Охрид. Во месец март 1973 година двете институции се интегрираат во една, односно во институција која денес функционира под името НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.
На оваа територија регистритани се повеќе од 350 археолошки локалитети, 61 религиозни објекти (42 христијански и 19 муслимански), 183 профани градби и 86 градби со амбиентални карактеристики. Во самите градби се сочувани повеќе од 2500м2 фреско декорација и повеќе од 2000 м2 подни мозаици со исклучително културно-историска и уметничка вредност. Покрај тоа, НУ Завод и музеј – Охрид движите наоди ги групира во исклучително богати и пазновидни збирки: археолошка, етнолошка, историска, современа уметност, икони и литургиски предмети, ракописи и старопечатени книги.
Во рамките на Завод и Музеј-Охрид функционираат повеќе објекти и локалитети кои можат да се посетат туристички со наплата на влезници и тоа: Музејски објекти: Музејот на вода-Преистоска населба во Заливот на коските (с.Пештани, Градиште). Музеј-Куќата на Робевци (ул „Цар Самуил“ бр 62, Охрид ), Галерија на Икони (Климентов Универзитет бб, Охрид), Меморијална куќа на Христо Узунов ( Ул „Цар Самуил“бр 45, Охрид), Меморијална куќа на Григор Прличев ( Ул „Григор Прличев“ бр 66, Охрид).
Археолошки локалитети: Самуилова тврдина (Охрид), Антички Театар (Охрид), Плаошник (Охрид), Ранохристијанска базилика на локалитеот „Манчевци“. Повеќе информации на веб сајт: http://muzejohrid.mk/. Социјални медиуми: https://www.facebook.com/zavodimuzejohrid.