Следејќи го минатото и сегашноста Музејот во Свети Николе, го чува, изучува и презентира културното богатство на овчеполието. Зградата во која е сместена ОУ Народен Музеј Свети Николе е споменик на културата, изградена во периодот од 1924 до 1926 година од минатиот век. Објектот е изграден за потребите на тогашната општинска администрација, па затоа и го носи долго време називот стара општинска зграда. Автор на проектот е Арх. Проф. Сотир Томовски, еден од првите академски образувани архитекти од Македонија.
Зградата е изградена во неокласичен стил, распространет во овој период на овие простори со цел што поголемо доближување до европските традиции и интензивирање на комуникациите со европските земји. Проектот говори за добро обмислен функционален објект за потребите на тоа време а со својата Архитектура станува знак и репер на централното градско подрачје. Во текот на експлоатацијата, како објект служи за сместување на општинските административни единици, подрачна единица на Министерството за труд и социјална политика и седиште на др. општествени организации.
Формирањето на Општинската музејска збирка е во 1981 год и се должи на селектираниот и презентиран археолошки материјал. Музејската збирка со зголемувањето на прибраниот материјал и фундус на предмети, прерасна во Народен Музеј – Свети Николе во 1994 година. Со Одлука на Собранието на Општина Свети Николе од октомври 1991 година објектот е доделен на користење на тогашната музејска збирка, а сега Народен Музеј Свети Николе. Целосно реновираниот и заштитен како споменик на културата на Р.Македонија, музејот е свечено даден на употреба, на 25 Август 2002 год. Тој е со вкупна површина од 464 м2 корисен простор.
Музејот ги содржи следните постојани поставки: археолошка, етнолошка, историска, лапидариумот, како и просторот за повремени изложби и настани. Додека движните материјални добра кои не се изложени, се сместени во депоата на установата. Севкупното движно материјално добро, како и научните трудови се производ на долгогодишната работа на вработените стручни лица и надворешни стручни соработници, на проекти подржани од министерството за култура и надлежни институции, а во соработка со научни установи, универзитети, фондации од земјава и странство, на полето на истражувањата, заштитата и презетацијата на културните добра, кои оставиле свој белег на овие простори од праисторијата до денес.
Археологија - Во постојана археолошка поставка се изложени артефакти 5-4 в.п.н.е, кои произлегуваат од истражувањата на археолошкиот локалитет Градиште Славков Дол, с.Кнежје, Познат како Билазора, како и и диорама на акрополот (макета изработена во размер 1:100 на акрополот во Билазора на која се преставени неколку периоди од пајонскиот континиум, со палатата која е врвно архитектонско решение).
Етнологија - Во постојаната етнолошка поставка се изложени предмети кои ја дефинираат материјалната и духовната култура на овчеполскиот регион, а која го дефинира социјалниот живот на населението во период од два века, преку народната архитектура, традиционалната покуќнина, носиите, предметите од селското стопанство, занаетчиството и сл.
Историја - Во постојаната историска поставка со изложените предметни добра го доловуваме османлискиот период, балканските војни и втората светска војна, користејќи картографски мапи, кои го дефинираат просторот и границите и историските настани поврзани со територијата на Македонија, со акцент на воено-политичките премрежја на балканскиот полуостров за период од 1560 година до втората светска војна.
Контакт: Плоштад Илинден бр.18, 2220 Свети Николе. Работно време: 07.30 – 15.30. Линк од вебстрана на музеј. Во тек е доработка на вебстраната https://muzejsvnikole.mk/public/, Линк од Facebook страна: Naroden Muzej Sveti Nikole https://www.facebook.com/SvNikole.