Центарот за карпеста уметност се наоѓа на улица „Планинска“ број 1 во Кратово, а е отворен за посетители, ученици, пензионери, странски и домашни туристи, ентузијасти, професори по археологија, студенти, историчари и за сите добронамерници кои во секое време можат да го посетат овој регион.
Карпестата уметност во Македонија е откриена во 1992 година од д-р Душко Алексовски, по неговиот студиски престој во Швајцарија, каде за првпат се запознава со терминот карпеста уметност.
Првото карпеста гравирање е откриено во селото Трновец, на местото викано „Орлов Камен“. Во 1993 година се регистрира Центарот за карпеста уметност на Македонија, како прв центар од овој вид на Балканот.
Од 1992 до 2000 година истражувачкиот тим на Центарот откри над 460.000 карпести цртежи и покажа дека на почвата на Македонија, културно, во континуитет, се творело повеќе од 30.000 години.
Во 2004 година се отвори музејски простор каде можат да се видат 33 врамени фотографии на праисториски цртежи, вулкански топки и камени предмети фотографирани од општината што подоцна помогнаа да се направи брошура и карта на Осоговскиот Регион како и информативни табли.
Центарот за карпеста уметност во последните неколку години е сè почесто посетуван, како од домашните така и од странските туристи, тука е отворена и сувенирница со богат избор на уникатни, рачно изработени производи со детали од овој крај на Осоговијата.
За гостите се организираат и посебни тури до археолошките и геолошките локалитети во околината на градот.
Во Книгата на впечатоци се потпишани амбасадори, аташеа, конзули и туристи од бројни европски држави и од целиот свет, од Јапонија и Кина, преку Полска, па до Канада и Австралија.