Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија презентира движно културно наследство, поточно околу 7.000 археолошки предмети откривани со археолошки истражувања на целата територија на државата уште од 1924 година, а со тоа овој музеј претставува најзначајна и најстара музејска установа во Р.С. Македонија.
Посетителите може да уживаат во артефактите изложени во одделите за: праисториска археологија, античка археологија, средновековна археологија, нумизматика, антропологија и лапидариум. Голем број од предметите кои се дел од оваа институција се ексклузивни во светски размери. Постоечките закони за култура и заштита на културно наследство го регистрираат најголемиот дел на овој фонд како културно наследство од особено значење.
Во 2015 год. Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија се пласираше меѓу 15-те најдобри музеи во Европа, освојувајќи го високото седмо место според Европската музејска академија. Првата археолошка збирка е формирана во 1920 год. во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје.
Во 1924 год. е организирана музејска институција, поточно, историско – археолошки музеј со лапидариум кој е сместен во Куршумли Ан. Во текот на Втората светска војна музејската институција во Куршумли Ан егзистира како Народен музеј – Скопје.Во овој период, поточно во 1945 год. функционира со три одделенија: археолошко, етнографско и средновековно.
Со реорганизација на музеите во ФНР Југославија, од Народниот музеј во Скопје се формира и Археолошкиот музеј како посебна институција од републички карактер. Од 1945 – 1963 год. седиште на Археолошки музеј е старата зграда од касарната на Скопско Кале.
Во 1955 год. е отворена постојаната поставка на камени споменици – лапидариум, сместена во адаптирана коњушница на Куршумли Ан. Од 1963 – 1976 год. веднаш по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година Археолошкиот музеј е сместен во бараките на Куршумли Ан. Во 1976 год. е пуштен во употреба новиот музејски комплекс во кој Археолошкиот музеј е сместен се’ до 2014 год.
Во 2012 год. е основан нов правен субјект НУ Археолошки музеј на Македонија – Скопје, како нова матична установа од областа на археологијата и после повеќе од три децении во 2014 год. Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија добива современ музејски простор во центарот на Скопје. https://amm.org.mk/, https://www.facebook.com/arheomkd, https://www.instagram.com/arheoloshkimuzej/.
Адреса на музејот: Кеј Димитар Влахов, бб. 1000 Скопје, Работно време од вторник до недела од 10.00 до 18.00 часот. Во понеделник музејот не работи.