Манастирот ,,Св. Јоаким Осоговски“, еден од најпознатите сакрални објекти во Македонија, се наоѓа 3 километри североисточно од Крива Паланка, на падините на Осоговските Планини. Изграден е уште во времето на византискиот император Манојло (1143-1180 г.), а посветен му е на пустиножителот и чудотворецот чие име го носи.
Сочуваните записи и ракописи, кои денес се наоѓаат во разни словенски и европски библиотеки, а потекнуваат од овој манастир, укажуваат на ракописната традиција што овде се негувала со векови. Иако манастирскиот комплекс има мачна историја и низ годините минувал низ тешки периоди, западнат во економски кризи и разрушен од земјотрес во 1585 година, тој сепак преживеал и останал да плени со својата духовна, архитектонска и уметничка вредност.
Манастирскиот комплекс ги опфаќа двата храма – Големата и Малата манастирска црква. Малата манастирска црква била обновена во 14 век, а градена е од делкан камен и тули. Се претпоставува дека стариот слој на фрескоживописот потекнува пред 14 век. Дел од живописот и иконостасот од 19 век се дело на Димитрие Андонов-Папрадишки. Големата манастирска црква била градена од 1847-1851 година од протомајсторот Андреја Дамјанов, најпрочуен градител на Балканот во тој период.
Вратите на манастирскиот комплекс се секогаш отворени. Посетете го и почувствувајте ја натприродната сила што зрачи од ова место. Ќе откриете незаборавно место за одмор, духовен мир и спокојство.