На неколку километри од Дебар, откако ќе го поминете Дебарското Езеро, во селото Рајчица ќе го пресретнете еден од најубавите македонски манастири – „Св. Ѓорѓи Победоносец“. Овој женски манастир е дел од Бигорскиот манастирски комплекс.
Манастирската црва и манастирските конаци биле изградени во 1835 година. Во црквата има иконостас во резба, изработен истата година, а на иконостасот се наоѓа крст со Христовото Распетие во резба, кој потекнува од 16 век. Црквата била зографисана во периодот од 1840-1852 година.
Во црквата се чува дел од моштите од раката на свети Ѓорѓи. Моштите на овој светец од 4 век се вградени во позлатено сребро во форма на рака.
Можеби најзначајна одлика на овој манастир е ракотворбената дејност на монашкото сестринство од манастирскиот комплекс. Во тишина и низ постојани молитви, монахињите изработуваат уникатни митри со врвен квалитет. Секоја креацијата е во согласност со везот и бојата на одеждата на епископот што треба да ја носи. Овој манастир е единствено место во Македонија во кое се изработуваат митри, а создадените ремек-дела се барани и од останатите православни цркви во светот.
Животот во манастирот има посебен ритам. Почувствувајте го, вдишете го воздухот, приближете ѝ се на природата, восхитете ѝ се на смирувачката енергија што се шири од овој храм, и прашајте ги скромните сестри за нешто што ве интресира – тие со задоволство ќе ви одговорат. Било да дојдете намерно или ако го посетите манастирот како попатна станица на патот за Охрид, оваа убавица покрај Дебарското Езеро заслужува да се види.