Тумба Маџари - Неолитска населба
Местоположба на Тумба Маџари
Тумба е археолошки локалитет во скопската населба Маџари. Локалитетот претставува населба од неолитското време. Се наоѓа на североисточниот крај на Скопје, во просторот меѓу населбите Маџари и „Ченто“. Непосредно се наоѓа до фудбалското игралиште. Во близина е на околу 700 м од левата страна на автопатот Скопје-Куманово-Велес. Претставува мала височинка - тумба со пречник во основата од 220 м и висина од 3 м. Во годините до земјотресот (до 1963), иако користена за земјоделски потреби, таа била лесно впечатлива. Тумба е дури и доминантна во овој дел од рамното поле. Подоцна, со изградбата на споменатите населби, а особено со неконтролираното подигање на дивоградби врз и околу неа, создаден е нов амбиент во кој тумбата дури и не се забележува.
Археолошко значење на Тумба маџари
Освен тоа со градежните работи културниот слој бил доста оштетен, а со лоцирањето на куќите речиси повеќе од три четвртини од просторот е загубен за секакви научноистражувачки работи. Со оглед на загрозеноста на локалитетот, во 1978 година Музејот на Македонија извршил пробно заштитно ископување. Било констатирано дека се работи за остатоци од повеќеслојна Тумба маџари, со културен слој од 3 м во кој се разграничуваат три хоризонти на живеење од времето на средниот неолит. Културно ѝ припаѓа на културната група Анзабегово-Вршник (II-IV). Од 1981 година започнуваат систематски ископувања за откривање и проучување на последниот хоризонт на живеење. Ископувањата се во северозападниот сегмент на тумбата, кои во мали работни кампањи ќе продолжат сè до 1990 година. Истражен е простор од околу 1.400 м² во кој се откриени урнатини и основи од 7 објекти од кои 6 се живеалишта, а еден светилиште.
Сите биле надземни, со правоаголна или четвртеста основа, градени од масивна дрвена граѓа и кал. Речиси во секој објект се најдени остатоци од огништа, печки и многу голем број предмети од материјална култура. Секако најзастапени се керамичките садови, кои покажуваат широка типологија како на облици така и на декоративни мотиви. Истите се изведувани во техниките на барботин, импресо и бихромно сликање (кафеава врз црвена основа). Во орнаментиката кај поголем дел од садовите, покрај технолошките и ликовно естетските вредности, присутна е одредена симболика (дожд, клас од жито, вода). Поврзана е со секојдневните преокупации на неолитскиот човек. Покрај керамиката, значајна е и откриената култна пластика, посебно антропоморфната, која ликовно е ослободена од старите традиционални шаблони. Големата Мајка Божица - заштитницата на плодноста, е претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Таа е божица со наративна иконографија,која е збогатена со палеоетнографски содржини.
Повеќе информации за Тумба маџари на следнава страна.