Хераклеја Линкестис


Хераклеја Линкестис — градска населба од старомакедонско време до средниот век. Основана е кон средината на IV век пред н.е. од страна на кралот Филип II Македонски, како важен стратегиски пункт. Остатоците од материјалната култура од старомакедонската фаза на животот археолошки не се доволно истражени.


Местоположба на Хераклеја

Хераклеја Линкестис се наоѓа на јужната периферија на градот Битола, во подножјето на планината Баба. Името го носи според Херакле, митскиот јунак и родоначалник на македонската кралска династија Аргеади. Епитетот Линкестис со значење „Линкестидска”, доаѓа од називот на регионот Линкестида во кој се наоѓал градот, а во кој живеело древното македонско племе Линкестиди. Сместена во плодна рамнина, од север заштитена од планината Баба, односно ридот Тумбе Кафе и реката Сива Вода на југ.


Хераклеја Линкестис

Хронолошки развој на Хераклеја

Хераклеја опстојала и се развила во една значајна раскрсница на патот Виа Игнација (лат. Via Ignatia) кој ги поврзувал Драч и Босфор. Од Хераклеја патот дијагонално се протегал кон Стоби, а потоа кон Сердика (ден. Софија). Градот бил основан во предримскиот период, веројатно од страна на македонскиот крал Филип II или Филип V. Според пишаните извори, по освојувањето на Линкестида, Филип II подигнал тврдина (веројатно Хераклеја) преку која можел да контролира дел од кралството. Исто така постои податок според кој во почетокот на II век пр. н.е., за време на војните со Римјаните, македонскиот крал Филип V изградил неколку тврдини во пограничните области за да ја осигура границата на кралството.


По победата на Римјаните и поделбата на Македонското кралство на четири области (мериди), Хераклеја влегла во составот на четвртата мерида. Највисок степен на цивилизациски развој во време на римското владеење градот доживеал во првите векови на новата ера, кога добива статус на колонија. Во овој период Хераклеја станува силен економско-политички центар со свој постојан римски намесник и со своја римска војска. Сето тоа се одразило врз изгледот на градот, така што во голема мерка била застапена римската архитектура, иако традиционалните влијанија и историските придобивки сè уште давале свој белег на градот. Во 473 година, при продорот кон југ, Готите предводени од Теодимер ја освоиле и Хераклеја.


Малку подоцна (479 година), истите Готи, овојпат предводени од Теодорих, синот на веќе починатиот Теодимер, повторно стигнале до Хераклеја. Жителите на градот се засолнале во некое прибежиште (refugium) во регионот, додека епископот преговарал со Теодорих. Готскиот водач барал храна за своите луѓе, а кога не добил ништо го запалил градот. Не е утврден точниот обем на уништувањето. Во текот на VI век градот повторно бил нападнат од варварите, меѓу кои Аварите и Словените и при крајот на VI век животот во Хераклеја дефинитивно замира.


Откритија во Хераклеја

Портик

При проучувањето и истражувањето на локалитетот, откриени се остатоците од некогашниот град, при што е направена реконструкција на неговиот изглед. На северниот крак од форумот се наоѓа портикот на судницата. Има правоаголна основа на чиј северен ѕид стојат две статути на постаменти и еден постамент без статуа, кои како неми сведоци ја потврдуваат величествената историја на градот.


Статуата на Тит Флавил Орест

Статуата на Тит Флавил Орест изработена од бел мермер, восхитува со една спокојна убавина во своите марцијални пропорции (биста на Тит Флавил Орест е откриена и во храмот на Тихе, во Стибера). Младото женско тело и вообичаените атрибути за вистина и правда - терзијата и лакот - ја навестуваат Немеза, божицата на правда и судбината. Во грчкиот натпис на ова статуа е кажано дека ова е дар од хераклејската граѓанка Јулија Тертила.


Постаментот без статуа со грчки натпис е посветен на истата божица, а во рамка е поставен текст, стих од спевот на Хесиод, „Дела и дни“: „Гладот и несреќите никогаш не ги стасуваат оние главари кои праведно судат и плодовите од својот предан труд тие ги уживаат во изобилство“.


Термата во Хераклеја

Градењето на термата означува и раѓање на една повисока здравствена свест кај тамошните жители. Во таа смисла, термата со право може да се смета за првенче во подоцнежната изградба на аквадуктот и проширувањето на водната мрежа во IV век. Термата се состоела од сала за капење со студена вода - фригидиум на источната страна; сала со млака вода - тепидариум во средината; и многу затоплена сала во која имало врела вода - калдариум и била во употреба сè до V век.


Хераклеја Линкестис

Антички театар во Хераклеја

Почетоците на градбата на театарот датираат во времето на царот Адријан, а завршните зафати биле изведени во времето на Антонин Пиј. Со откривањето на бината, потврдена е двојната функција на театарскиот објект. И тоа за сценски изведби и за претстави со животни кои биле чувани во трите кафези. За безбедноста на гледачите бил подигнат висок ѕид од ортостати околу оркестрата со метална ограда врз нив. Гледалиштето има дијазома со дваесет редови седишта, а над горниот ред се наоѓал Немезионот. Почетната ложа со седишта била помеѓу третиот и седмиот ред. Сцената се состои од пет правоаголни простории и раскошно украсена северна фасада. Театарот бил со капацитет за околу 3000 посетители од сите сталежи.


Хераклеја Линкестис

Сакрални објекти со подни мозаици во Хераклеја

На тлото на Хераклеја се пронајдени остатоци од повеќе сакрални објекти украсени со подни мозаици направени во opus sectile и во opus tessalatum, датирани во V и VI век. Станува збор за малата базилика, цивилната базилика, големата базилика и цеметријалната базилика. Последната е сместена на околу 250 метри од централното градско подрачје на Хераклеја. Покрај неа се откриени ранохристијански и средновековни гробници.


Како контраст на овие раскошни градби, врз урнатините на стариот театар, биле подигнати профани градби од камен и кал. Нивната важност е во нивната местоположба, што зборува за високиот степен на рационализација на средствата и на просторот.


Хераклеја Линкестис

Повеќе информации за Хераклеја на следнава страна.





Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.