Големо Градиште - Коњух

 

 

Утврден град од Доцната антика во регионот на Кратово. „Големо Градиште“ е називот на висок издолжен рид покрај јужниот брег на реката Крива, во атарот на кратовското село Коњух. На зарамнетото плато на врвот на ридот и во неговото подножје се остатоци од голем утврден град датиран во времето на доцната антика (5-7 век).

Првите сознанија за постоењето на овој локалитет се добиени во првата половина на 20 век, по случајното откривање на црквата „Ротонда“, од жителите на с. Коњух, во 1919 година, како и од бројните столбови и обработен камен, ископани од локалитетот и вградени во некои куќите на мештаните кои и денес може да се видат.

 

 

Со археолошките проучувања и рекогносцирања реализирани во средината и втората половина на 20 век, утврдено е дека овој град се простирал на простор од околу 17 хектари, имал акропола и две станбени тераси од северната и јужната падина на ридот, кои биле заштитени со силни одбранбени бедеми. Според историските и археолошките податоци, утврдувањето било подигнато/зајакнато во времето на императорот Јустинијан, кон средината на 6 век; градот бил богат економски, административен и религиозен центар во овој дел на Балканот и римската провинција Дарданија, втор по големина по Скупи (Скопје).

Монументалниот црковен комплекс откриен на северната тераса, и резиденцијата во неговата непосредна близина сведочат за економската моќ на градот во средината на 6 век. Ваквата благосостојба се должи на неговата стратешка географска локација, на самата тромеѓа на провинциите Дарданија, Македонија Секунда и Дакија Медитеранeја, покрај главниот трговски пат што водел од Скупи кон Пауталија (Ќустендил) и Сердика (Софија), како и на близината на рудните наоѓалишта во Кратовско, богати со злато, сребро, бакар, и железни руди кои биле интензивно експлоатирани во римскиот период. За идентитетот на овој град постојат две теории кои го идентификуваат како Транупара, односно Запара.

 

 

Локалитетот и неговата околина биле населувани од праисторијата до средниот век. На северната станбена тераса, под остатоците од доцно римските градби се откриени артефакти од неолитот, железното време и класичниот период.

За раноримската фаза на населбата на северната тераса засега нема доволно податоци, поради што се смета дека градот бил подигнат во доцниот 5 век или почетокот на 6 век. По годините на просперитет градот страдал во воените опсади на Словените, а до почетокот на 7 век, жителите го напуштаат овој простор, селејќи се во безбедноста на акрополата.

 

 

За континуитетот на урбаното живеење на Големо Градиште во раното средновековие немаме никакви сознанија, сè до 14 век, за кој период сведочат наоди од монети и историски податоци за градот Коњух, во кој застанувале трговци со своите каравани.

Трасата на овој каравански пат, веројатно воопшто или мошне малку изменета, била во употреба сè до 19 век, но утврдувањето на нејзината локација, како и локацијата на средновековниот град Коњух претставуваат нова фаза во систематските истражувања на локалитетот Големо Градиште. За повеќе информации на следниот линк: https://www.konjuh.mk/

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.