Археолошки локалитет Стибера

 

 

Градот Стибера, урбан центар на областа Дериоп во котлината Пелагонија, бил еден од најголемите антички градови во Република Македонија. Со археолошки истражувања е убицирана неговата местополжба на околу 16 км југозападно од градот Прилеп, а во непосредна близина на селото Чепигово. Бил распостранет на поголем простор од двете страни на реката Блато, сè до нејзиниот слив во Црна Река во близина на соседното село Тројкрсти.

Од антички пишани извори се дознава дека Стибера веќе бил стратешко значаен град уште за време на владеењето на македонските кралеви (4-3 век ст. е.). За време на Втората македонско-римска војна, римските легии кои привремено го зазеле поширокиот регион, во Стибера се снабдиле со потребните житарици. За време на Третата, последна војна која ја воделе Македонија и Рим (прва половина од 2 век ст. е.), последниот македонски крал Персеј токму во Стибера извесен период бил стациониран со својот команден штаб, така што оттука раководел со воените операции кон западните територии населени со Илирите, сојузници на римјаните.

 

 

Од овој предримски период со теренски археолошки истражувања се пронајдени остатоци од градби кои, сепак, не се добро зачувани, така што не може поконкретно да се дефинира нивната намена. Градбите од ова време се сочувани само во нивните темели поради тоа што со доаѓањето на римската управа, на нивните места се градат нови објекти за живеење, како и јавни и градби од стопански карактер.

Всушност, својот зенит Стибера го има во развиениот римски империјален период (2-3 век н.е.), односно за време на династиите Нерва – Антонини. Од овој временски период се откриените неколку јавни градби: Гиманзион, Плоштадот со чешма, Храмот во чест на императорите, Храмот посветен на заштитничката на градот, богинката Тихе, Административната зграда на главниот градски плоштад – агората, Работилницата за изработка на глинени фигурини и ламби и Собранието на градот.

 

 

Фактот што во градот имало храм во кој се славеле императорите говори за големото значење на Стибера во рамки на империјата. Оваа чест (неокорија) да биде град со ваков вид храм била доделувана на мал број градови.

Покрај бројните пронајдени предмети за секојдневна употреба, монети, накит, керамички садови и разни орудија од македонскиот и од римскиот период на постоењето на градот, секако се издвојуваат бројните репрезентативни скулптури и бисти изработени од мермер, со претстави на божества и заслужни граѓани од римскиот период. Нивната бројност и мошне квалитетната изработка упатува на тоа дека Стибера со своите 20.000 жители во тоа време бил навистина богат и значаен град во овој дел од империјата.

 

 

Откриени се повеќе градби од зенитот на градот во царско-римскиот период на ридот Бедем и во неговото западно подножје: комплексот Гимназион, плоштадот со чешма, храмот посветен на култот на императорот, храмот на заштитничката на градот Тихе, административната зграда на главниот градски плоштад – агората, работилницата за изработка на теракоти и керамички ламби и собрание – булевтерион, малото светилиште на божество со птичјо лице, а на локалитетот Бакарно Гумно на западниот влез во селото Чепигово е евидентиран градски жртвеник од отворен тип.

Важен наод од Стибера е мермерната биста на жена, бидејќи, според одредени анализи, станува збор за Фаустина помладата, сопруга на римскиот император Марко Аврелиј кој владеел во втората половина од II век.

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.