Археолошки локалитет - ТАОР

 

 

Селото Таор лежи на околу 20 километри југо-источно од центарот на Скопје, на левиот брег на реката Вардар, на местото каде што реката се извлекува од мучуришниот шамак и навлегува во Таорската Клисура. Единствената комуникација со Скопје селото ја има преку мостот на реката Вардар и село Орешани. Во римско време во северното подножје на населбата поминувал магистралниот повардарски пат, кој од Скупи преку Стоби одел за Тесалоника. Населбата на локалитетот Градиште се наоѓа на северо-источната периферија на село Таор, расположена на висок рид што го сочинуваат акропола и две тераси.

Локалитетот за прв пат е евидентиран од англискиот истражувач, археолог и патеписец Артур Еванс уште пред стотина години. Во таа прилика покрај Скупи го посетил и нашиот локалитет, забележуваќи првични информации за неговата местоположбата. Иако во поново време се вршени кратки испитувања на населбата, Музеј на град Скопје во 2000 година ги изведе првите сондажни истражувања на населбата. Целта беше да се утврди карактерот, големината и стратиграфијата на населбата. Веќе од следната 2001 година до денес населбата систематски се истражува.

 

 

Според резултатите од досегашните истражувања на населбата, откриени се три културни хоризонта на живеење и тоа: Праисториски културен хоризонт кој припаѓа на раното бронзено време, а датира во времето од околу 2200 - 1600 година пред нашата ера, потврден е преку наоди на камени секирки, кремени ножиња и повеќе фрагментирани делови од керамички садови, откриени во античките слоеви. Антички културен хоризонт егзистирал од II век пред новата ера па се до VI век. Како последица на неколкуте продори на Аварите и Словените во текот на VII до IX век животот на населбата потполно замрел, за да при крајот на IX до крајот на XII век населбата повторно е активна, како помала населба.

Најолемиот просперитет населбата го достигната за време на римскиот период од II до VI век од кога потекнуваат сите откриени градби. Речиси целосно е откриена трасата на одбранбениот ѕид, во чија внатрешност откриени се две јавни градби поврзани со атриум, во кој преку одбранбениот ѕид на источната страна е поставен влез во населбата. Делумно или целосно откриени се 16 куќи за живеење и фурна со печка за печење на леб за да го задоволи зголеменото присуство на војската. На населбата бил изграден водовод за снабдување со чиста вода за пиење, како и одвод за атмосверските води надвор од населбата.

 

 

Со досегашните истражувања откриен е мошне обемен движен археолошки материјал. Покрај многубројните фрагменти од керамички садови, откриени се фрагменти од стаклени садови, прозорско стакло, накит (обетки, фибули, прстени), предмети од коска, оружје, делови од воена опрема, орадија, предмети од градежни конструкции, делови од брави и клучеви, околу 600 бронзени монети и др.

Изворни податоци за населбата Тауресиум во која бил роден царот Јустинијан дознаваме од античкиот автор Прокопиј кој бил и негов современик. Опишувајќи го родното место на царот, Прокопиј со епитет зборува за него. Од описот се има впечаток дека Прокопиј не ја познавал точната географска локација, но, врзувајќи го за непосредна близина на кастелот Бедеријана, поточно ја прецизирал неговата географска одредница.

 

 

Податоците за античките населби Тауресиум и Бедеријана дадени кај Прокопиј во основа се идентични со локациите на денешните села Бадер и Таор во скопско. Сличноста на топонимите на денешните села, со оние споменати кај Прокопиј сигурно не е случајна. Кај овие две села засега се констатирани археолошки остатоци, но само на населбата кај селото Таор археолошки е интервенирано. Од резултатите на досегашните истражувања можеме да заклучиме дека, населбата кај Таор била обновена по катастрофалниот земјотрес од 518 година.

Со оглед на пропорциите, идентичниот опус на ѕидање и мошне високиот квалитет на малтерот што бил употребен за ѕидање на сите досега откриени градби, како и констатацијата дека откриените делови од градбите и одбранбениот ѕид се плански и мошне цврсто градени, дава основа да претпоставиме дека податоците за обновување на населбата кај Таор за време на Јустинијан, дадени кај Прокопиј се точни. Oд друга страна, тоа дава основа да претпоставиме дека се работи за антички Тауресиум, родно место на најголемиот Византиски император Јустинијан I (527-565). Автор на текстот: Киро Ристов

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.