Отомански споменици во Македонија
Исламските споменици во Македонија претставуваат импозантни градби, кои до ден денес ја раскажуваат приказната за богатството и големината на Отоманската Империја. Кон крајот на XIV век Македонија била вклучена во Отоманската Империја, која била една од најголемите империи во историјата на човештвото. Отоманците биле присутни во Македонија цели пет века (до 1912 година) при што влијаеле врз културата, религијата и архитектурата на целиот Балкански Полуостров.
Преку османлиската профана и сакрална архитектура директно или индиректно, дознаваме множество податоци, за животот на овие простори. Најголемо наследство кое останало од петвековното владеење на Отоманската Империја е отоманската исламска архитектура. Во текот на XV и XVI век се изградени голем број џамии, амами, безистени, анови, сараи и други објекти кои пленуваат со својата убавина и архитектонска форма. Сите овие градби биле подигнати од личности кои имале јавни функции во тогашното општество.