НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип

 

 

Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип е установа од областа на културата која врши истражување, средување, стручно и научно обработување и проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на недвижното и движното културно наследство. Музејот, исто така, има и едукативна дејност којашто опфаќа посети на ученици како и други индивидуални и групни посети при коишто се презентираат историското, археолошкото и етнолошкото културно наследство.

Музејот во Штип е формиран во 1950 година. Првата музејска поставка е отворена на 11 октомври истата година во Хусамединпашината џамија. Од 1985 година Музејот е сместен во куќата на семејството Арсови. Денес музејскиот комплекс се состои од три згради од кои едната е административен дел, а во другите две се сместени музејските поставки.

 

 

Во рамките на НУ Завод и Музеј – Штип има три постојани поставки од областите на археологијата, историјата и етнологијата. Археолошката поставка, сместена во куќата на семејствата Аневи-Гочеви, е отворена во 2005 година. Во изложбениот простор сместен на два ката има изложено вкупно 1.326 предмети: керамика, накит, монети, кремено орудие, дрвена резба и друго. Сите предмети се хронолошки датирани од почетокот на неолитот до средновековниот период и тие потекнуваат од локалитети што се наоѓаат по течението на реката Брегалница.

Историската поставка со наслов „Штип низ историјата I – XX век“, сместена на два ката во куќата на семејството Арсови е отворена во 2011 година. Низ поставката од најстариот период од првото споменување на името на градот Штип сè до формирањето на самостојна Македонија можат да се проследат историски настани поврзани со Штип и штипјани. Во поставката се изложени над 1.000 вредни експонати, од кои околу 500 се фотографии, а има и 37 витрини во кои е сместено оружје (почнувајќи од османлискиот период, па сè до оружје од Втората светска војна), документи (писма, свидетелства), банкноти и монети, печати, штембили од фудбалски клубови, медали, ордени и плакети и др.

 

 

Етнолошката поставка е составен дел на НУ Завод и Музеј – Штип, отворена во 2011 година, а ремоделирана е во 2017 година и содржи над 400 предмети од текстил, накит, покуќнина, предмети од дрво, керамика и метал. Поставката физички е поделена на два дела, но предметите меѓусебно се надополнуваат и преплетуваат во една целина.

Предметите ни ги претставуваат дамнешните минати времиња, традицијата, начинот на живеење и обичаите, ни зборуваат за старите занаети, за модата на облекување и украсување, за облеката под влијание на ориенталните, но и за облеката под влијание на западноевропските замји, како во градската така и во руралната средина. Тоа е богато материјално и духовно културно наследство и е значаен дел од идентитетот на македонскиот народ.

 

 

Во склоп на НУ Завод и Музеј – Штип работи и Музејот на Македонската револуционерна борба за Штип и Штипско 1893-1934. Музејот се наоѓа во Штипско Ново Село и е сместен во куќа со староградска архитектура која била во сопственост на семејството Андонови. Овој музеј е отворен во 2014 година и поседува изложбен простор од 160 квадратни метри, седум посебни простории во кои се сместени 12 восочни фигури на истакнати дејци на организацијата, вредни експонати, фотографии, оружје и др.

Во музејот се сретнуваат и етнолошки предмети од секојдневниот живот (покуќнина) на луѓето од крајот на XIX и почетокот на XX век. Во рамките на Заводот и Музеј – Штип се и Уметничката галерија „Безистен“, Спомен куќата на народниот херој Славчо Стојменски, Доцноантичкиот локалитет Баргала, Хусамединпашината џамија, Споменикот на Евреите, а интересна за посетителите е и средновековната тврдина Исар, каде се наоѓа споменикот на револуцијата и археолошкиот локалитет каде се наоѓала црквата „Св. Власие“, од XIV век, како и галериите на икони во црквите Успение на Пресвета Богородица и црквата Св. Никола. Адреса: „КЕЈ МАРШАЛ ТИТО“ бр. 2, Штип, Профил на социјални медиуми: https://www.facebook.com/NIMUSEUMSTIP/.

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.